Претходна статија
Започна реконструкцијата на булеварот „Васко Карангелески“ во Аеродром
Следна статија
Утре ќе се вози нова велосипедска тура под мотото „Замисли го Скопје како вело-град“

ИНТЕРВЈУ СО СТАНИСЛАВ ФУРМАН: Обновата на Скопје по земјотресот е извонреден период од историјата на градот

Објавено на 25.07.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Станислав Фурман е еден од полските експерти кој бил директно вклучен во постземјотресната обнова на Скопје. Како сообраќен инженер, минал низ речиси сите фази од урбанистичкото планирање по земјотресот од 1963 година. Во Скопје пристигнал во ноември 1964 година, а во македонската метропола ќе остане до јуни 1966 година. Од декември 1964 година до септември 1965 година, тој работел на Мастер Планот за Градот Скопје, додека од ноември 1965 година до крајот на јануари 1966 година бил вклучен во изработката на верзијата на урбанистичкиот план за централното градско подрачје, по спроведениот меѓународен конкурс. Од февруари до јуни 1966 година е дел од тимот што го изработил проектот за Источната индустриска зона во Скопје и проектот за приградската зона. Како еден од ретките живи творци на денешно Скопје, со Станислав Фурман се сретнавме во неговиот дом во варшавската населба Урсинув. По повод одбележувањето на 54 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, се одлучивме да објавиме еден фрагмент од спроведеното интервју со господинот Фурман. 

 

Какво беше чувството во својство на професионалец, или едноставно како човек, кога ја добивте можноста да постанете творец на Скопје, кое по земјотресот беше целосно уништен град?

 

Фурман: Јас студирав и ја започнав мојата професионална кариера во Варшава. За време на Втората светска војна, нацистичките окупатори ја разурнаа Варшава во целост и однапред осмислено. По задушувањето на Варшавското востание во 1944 година, како акт на одмазда, Хитлер и нацистичките окупатори го ништеа градот куќа по куќа, бирајќи ги највредните зданија за да бидат најпрво уништени. Ситуацијата е неспоредлива. Во скопскиот земјотрес најзначајните градби преживеаја до одредена мерка. Во Варшава, состојбата беше целосно спротивна. Јас бев длабоко трогнат од драмата во Скопје и бев свесен за тоа колку животот во Скопје постана тежок. Ова е причината поради која ја поздравив иницијативата на Адолф Циборовски, главен архитект на Варшава, кој предложи искуството стекнато од обновата на Варшава да биде пренесено во Скопје. Тој предложи и да ги информираме скопските власти околу нашите достигнувања во функција на олеснување на нивната работа. Оваа иницијатива на Циборовски беше одобрена од Полскиот владин комитет задолжен за реализација на Програмата за помош на Скопје. Истата беше добредојдена од властите во Скопје. Се сеќавам исто така на младинците од Југославија кои учествуваа во повоената обнова на Варшава и нивните спонтани акции. Жителите на Варшава денес можеби не се сеќаваат дека улицата „Фоксал“ (н.з. живописен простор во центарот на градот) долг период го носеше името на Југословенската младина, поаѓајќи од фактот дека тие беа волонтери кои дојдоа во Варшава за да помогнат во расчистувањето на градот од руини. И така, работењето за урбанистичкото планирање на Скопје за мене и моите колеги беше, на некој начин, отплаќање на моралниот долг кон народот на Југославија.

Исто така, постоеше и политички аспект. Југославија во тоа време се сметаше за најотворена земја во комунистичкиот блок, која ги следеше принципите на социјалистичкиот економски систем, но и беше отворена кон Западот. Тито со години беше силно осудуван од Сталин и единствено по неговата смрт, земјите под строга советска контрола и Југославија ги затоплуваа односите чекор по чекор. За нас во Полска, Југославија беше отворена земја, и тоа многу повеќе од Полска во тој период. Јас мислам дека работењето на концепцијата за обнова на Скопје, која беше алтернативно решение на активностите што се одвиваа во Скопје, ни даде нам, Варшавските планери, чувство дека ние активно учествуваме во меѓународната помош која доаѓаше за градот од сите страни на светот. Тоа беше чувство за припадност кон една меѓународна иницијатива како дел од нешто многу важно. Поаѓајќи од фактот дека по пат на конкурс организиран во Скопје бевме назначени за урбанистичкото планирање, ние се стремевме да подготвиме нешто што ќе биде од вистинска вредност. Се обидовме да ја покажеме нашата способност за планирање и да го вметнеме највредното знаење во таа работа. Бевме навистина горди кога Специјалниот фонд на ООН кон средината на 1964 година објави дека нашиот труд бил високо вреднуван од Меѓународниот консултативен одбор и властите во Југославија и во Скопје до тој степен што веќе зададената задача на „Доксијадис“ беше поделена помеѓу „Полсервис“ и „Доксијадис“. Ние бевме задолжени за изработка на најважниот сегмент од планирањето. Јас бев многу среќен поради тоа, особено поради фактот што не бев дел од тимот кој што работеше на концептот за Скопје во Варшава. Во тој период, имав друга работна должност. Ми се посреќи кога постарите и поискусни колеги ме поканија да им се придружам на нивниот тим и да појдам за Скопје. Тоа беше неочекувана и добредојдена покана.

 

Кои беа вашите главни предлози како сообраќаен инженер во однос на идниот развој на македонската метропола?

 

Фурман: Најпрво, би сакал да дадам еден општ коментар. Урбанистичкото планирање, особено во делот на подготовката на генерален концепт за планирање од поголем размер, е секогаш интердисциплинарна работа на експерти од различни области. Многу предлози се раѓаат низ дискусија, полуприватни разговори помеѓу учесниците во проектот, и се разбира, тие се резултат на вклучувањето на различни аспекти од урбаниот развој (општествен, економски, еколошки, функционален, естетски итн.). Планерите секогаш мора да го земат во предвид она што е сработено во градот од претходните тимови. Ако сакаме да ја нагласиме потребата од континуитет во урбаниот развој, ние мора да погледнеме кон тоа што другите, кои биле претходно вклучени, веќе предложиле. Во спротивност од архитектонското проектирање, во оваа фаза не постои голем простор за индивидуални концепти на секој поединечен член од тимот. Планот е секогаш синтеза на идеи изродени низ годините од многу луѓе кои претставуваат различни професии и ставови. Ова беше правило применето и во Скопје. Она што е уште поважно, клучните одлуки во планирањето што се однесуваат на транспортот веќе беа донесени од градските власти во Скопје пред моето пристигнување. Сакам да ги нагласам овие клучни одлуки – новата локација на железничката станица (нејзиното преместување од срушениот објект на местото меѓу населбите Пролет и Вардар во источниот дел од центарот на градот), локацијата на ранжирната станица на левиот брег на реката Вардар источно од Маџари, одлуката за дислокација на леталиштето од месноста Аеродром и за изградба на нов аеродром во близина на Куманово. Уште една одлука имаше значително влијание врз развојната програма за транспортната мрежа. Тоа е одлуката за изградба на врската помеѓу автопатот Солун-Белград и планираната Јадранска магистрала во самиот град. Тоа беше исклучително значајна одлука, но никогаш не беше реализирана. Но, оваа одлука претставуваше задолжително барање при подготовката на планот. Јас веќе споменав дека идејата за сообраќајната мрежа беше подготвена за време на урбанистичко-планската работа извршена во Варшава од Одделението за урбанистичко планирање. Значи, јас не можам да говорам за моите достигнувања, без притоа да се повикам на работата на моите колеги.

Многу значајна одлука донесена за време на мојот престој во Скопје, а во која јас само учествував, беше решението за тоа како ќе биде обновена железничката мрежа во Скопје. Главниот дел од работата што се однесува на организација на сообраќајот беше извршена од Дирекцијата за железници во Скопје. Но, задоволство ми е да споменам дека учествував во онаа фаза од работата, кога заедно со Дирекцијата за железници, членовите на Институтот за урбанистичко планирање и архитектура и американските колеги од Вилборт и Смит ја поставивме на маса одлуката, која на крајот беше усвоена и вклучена во концептуалниот план. На Гугл ерт можам да видам дека е изградена, но не знам до кој степен. Станува збор за многу важна одлука за одвојување на патничкиот и товарниот сообраќај на различни колосеци. Тоа беше многу значајна одлука. Во тоа време, беше предложено и да се прекине врската меѓу железничката линија Белград-Солун и Тетово-Гостивар низ центарот на градот – т.н. „јужна железничка пруга“ долж подножјето на Водно.

 

*Стручното списание „Мјасто“ со посебен број од 1967 година за придонесот на полските експерти во обновата на Скопје по земјотресот; Фото: Бојан Блажевски.

 

Јас мислам дека најзначајното дело направено за Скопје од моја страна е дизајнот на рамката за транспортните услуги во центарот на градот, кој беше претставен како дел од концептот за центарот на градот од Меѓународниот тим за планирање по спроведувањето на Конкурсот. Што е она што беше добро во концептот предложен од моја страна? Тоа е предлогот дека покрај надворешната рамка, уличната мрежа во центарот на градот треба да биде заснована на концептот на внатрешен ринг (булевар ЈНА, Кочо Рацин и 11 Октомври). Ова го предложив и сум многу приврзан и горд на фактот дека концептот беше реализиран. Поврзувањето на Илинденска низ центарот на градот со подвозник кај Турската чаршија е исто така концепт, кој помалку или повеќе, беше остварен. Тој не постои во ниту еден од трудовите поднесени на меѓународниот конкурс. Во тој период предложив да се вметне не само сообраќајот на долги релации со рингот за врска меѓу двата автопата, туку и да постои внатрешен ринг, кој всушност беше и единствено изграден. Тој предвидува поврзување со главниот конектор што водеше кон централното градско подрачје. Ова е една значајна работа. Се чувствувам задоволен да го нагласам вниманието што го посветивме јас и моите колеги во организацијата на пешачките зони во рамките на градската средина. Овој концепт беше навистина корисен. Движењето на пешаците беше организирано на начин што ќе го превенира конфликтот со патниот сообраќај и ќе ги отстрани автомобилите од плоштадот „Маршал Тито“. Овие предлози беа значајни и компатибилни со концептот на внатрешниот ринг околу центарот на градот, кој пак беше суштински. Со него беше едноставно да се возообнови системот во етапи. Не беше потребно да се изгради наеднаш. Предлогот функционира и во случај да се додаваат елементите еден по друг. Ова е секогаш многу значајно за развојот на градот.

Уште еден значаен придонес беше мојата оценка на трудовите пристигнати до жирито што одлучуваше за меѓународниот Конкурс, особено за доставениот предлог на Кензо Танге. Бев прилично скептичен за концентрацијата на сообраќај, која беше резултат на неговиот концепт за „Градската порта“. Ми се допаѓаше идејата за меѓусебна поврзаност на железничката станица, автобуската станица, обиколницата и точката на пресек со артеријата која водеше од исток кон центарот на градот, но начинот на кој тие ја предложија во нивниот прв труд мене ми изгледаше како исклучително тешка за реализација. Мора да употребам архитектонски сленг овде. Овој предлог доставен на Конкурсот беше многу нејасен во начинот на размислување за монументалната архитектура. Целта беше да се создаде „Градската порта“ како главна концентрација на објекти во центарот на Скопје, која пак, беше всушност лоцирана токму на главниот пресек на најзначајните сообраќајници. Значи, вие не можете да изградите згради и патишта одделно, тие мора да бидат вклопени заедно до тој степен што сообраќајниците постануваат елемент на архитектурата. Ова беше високо вреднувано во доцните 60-ти години на минатиот век, на крајот од модернистичкото размислување за урбаниот развој. Јас бев поприлично скептичен за функционалноста на ова решение, поаѓајќи од фактот дека беше многу ригидно, вие не можете да отстраните еден елемент од дизајнот, бидејќи беше наречен „мегаструктура“. Мегаструктурата ги вклучуваше архитектурата и инфраструктурата во една целина и таа не е функционално интегрирана. На пример, таа е конструкција, во чии рамки еден спрат од објектот е сообраќајница. Ова е многу комплицирана работа. Ова е причината поради која моите критички забелешки беа сериозно земени во предвид од страна на меѓународното жири. Тие се согласија со мојата воздржаност кон проектот. Тоа беше причината поради која подоцна ме замолија да работам заедно со Танге на заеднички предлог. Ние навистина најдовме решение кое што ги задоволи неговите идеи до одреден степен, но и ги зеде во предвид моите сомнежи. Ова е сето она што сметам дека е мој значаен придонес во обновата на Скопје.

 

Скопје после земјотресот од 1963 година постана отворен град. Тој прерасна во симбол на меѓународната солидарност во светот. Треба ли градот да биде горд на овој историски период од денешна перспектива?

 

Фурман: Јас мислам дека обновата на Скопје по земјотресот претставува извонреден и можеби најзначаен период од историјата на градот. Обновата постана симбол на братството и пријателството на луѓето, така беше опишана во Резолуцијата бр. 1882 донесена на 80. седница на Генералното собрание на ООН. Пријателството и братството ни е потребно и во светот во кој живееме денес. Проблемот со Сирија и многу слични места во светот – тоа е повик за поголема солидарност, помош и разбирање во светот. Мислам дека помошта која пристигна во Скопје од првиот ден по земјотресот од луѓето во Југославија, Европа и другите континенти, е причина за да бидеме горди на неа. Хуманоста може да очекува и да верува дека чувството на оваа солидарност создава надеж за подобра иднина. Помошта дадена на Скопје ќе беше без ефект ако не соодветствуваше на отвореноста на луѓето и властите во Скопје кон сите оние кои им помогнаа. На пример, имаше случаи на градови и други места каде некој сакаше да помогне, но оваа помош не беше толку добредојдена. Не знам дали постои документ што го прогласува Скопје за отворен град, но за мене тоа не е воопшто битно. Јас секојдневно ја гледав отвореноста на граѓаните и на властите од Скопје кон различни иницијативи и предлози за време на мојот престој во градот, како во професионалните дискусии, така и во вообичаените контакти со жителите на улиците. Успехот во обновата на градот беше условен од отвореноста на заедницата во Скопје. Оваа отвореност беше многу позначајна од отвореноста кон помошта која доаѓаше од надвор. Тоа е отвореноста на градот, кој е толку различен од етнична, културна и економска гледна точка. За неа беше неопходно да постои волја за соработка меѓу различните локални заедници. Таа изискуваше доверба во оние кои го предводат напорот за обнова на градот. Луѓето мораа да се согласат на многу ограничувања и тешкотии поврзани со обновата. Во периодот кога јас бев во Скопје, ние бевме свесни дека ќе биде тешко да се задоволи таквото барање. Нашата свесност се изроди од набљудувањето на разновидноста и спротивностите на градот, која очигледно постоела во форма на урбан развој во периодот пред земјотресот. Таа повторно се појави во социолошкото истражување спроведено од нашата полска група. Сите ние сакавме да ја отстраниме поделбата помеѓу левиот и десниот брег на реката Вардар, но не сите луѓе беа убедени дека ова е возможно. Многу локални заедници со нивните традиции сакаа да останат онаму каде што беа. Ова е добро познат феномен – да не се преселат на друго место, дури и во случај да треба да живеат во многу полоши услови. Ние бевме свесни за тоа. Меѓународниот консултативен одбор беше исто така свесен за тоа. Ова е причината поради која во целокупното планирање одвоивме посебно внимание на создавањето услови, во кои општествената, просторната и економската структура би постанала посоединета. Поврзаноста – тоа беше идејата на овој план, вклучувајќи ги истовремено и различните културни наследства што постоеја во градот, заедно со различните навики и стилови на живот.

 

*Полскиот придонес во обновата на Скопје – од првичната помош по земјотресот до израз на благодарност за обновата на градот; Фото: Бојан Блажевски.

 

За време на краткиот престој во рамките на нашите задолженија во Скопје, ние единствено можевме да посочиме на проблемите и да ја нагласиме неопходноста од изградба на отворен град за жителите и за надворешниот свет. Неопходно е да се постигне самодостигнување и чесен живот, но во договор со културните склоности и животните стилови. До кој степен ова барање беше постигнато за време на обновата на Скопје е прашање на кое може да одговорат единствено граѓаните на Скопје и никој друг. Единствено неговите жители можат да го дадат конечниот збор за тоа дали обновата на Скопје беше спроведена на начин на кој тие може да се почувствуваат горди на неа или да ја сметаат првенствено како грешка. Не знам за ова. Она што со сигурност го знам е дека меѓународната заедница и луѓето од поранешна Југославија можат да бидат горди заради помошта што ја испратија. Граѓаните на Скопје може да бидат горди бидејќи беа подготвени да ја прифатат и да ја искористат ваквата помош.

 

Веќе ми споменавте дека последен пат сте биле во Скопје во далечната 1985 година. Какво беше чувството за градот по 20 години од земјотресот? Како се развиваше Скопје во тој период?

 

Фурман: Јас бев дури и изненаден кога пристигнав со автомобилот во Скопје. Доаѓајќи по патот од Качаник, забележав дека развојот на овој град останал идентичен од периодот на мојот престој во Скопје. На влезот од Скопје, побарав туристичко биро и зедов мапа на градот од една трафика. Се разбира, како сообраќаен инженер најпрво ја погледнав патната мрежа. Многу од она што беше вцртано во планот беше дел од постојниот град. И веќе бев импресиониран од тоа. Исто така, многу беше направено за поврзувањето со Охрид како составен дел од регионалното и субрегионалното планирање. Кога дојдов повторно во 1985 година, делови од Градскиот ѕид веќе беа подигнати и уредувањето на улица „Македонија“ функционираше. Делот замислен како замена за Јужниот булевар функционираше и можев да отпатувам до Ѓорче Петров. Ја видов Матка и рекреативниот комплекс, кои беа делови што покажуваа дека градот се развива дури и побрзо од очекуваното и изгледаше дека сето тоа функционира. Зданијата изградени на левиот брег на реката Вардар беа навистина импресивни, особено белиот комплекс (н.з. културниот центар) итн. Ако ништо друго, сето тоа ветуваше развој во добар правец. Во 80-те години, јас ја користев и новата железничка станица. Се разбира, ја видов сета неуредност околу неа, но исто така имавте и нов аеродром. Следствено на ова, градот очигледно доживеал напредок по само 20 години од разурнувањето. Тешко е да се оцени до кој степен граѓаните беа задоволни од сето она што беше направено. Мојот впечаток и восприемање на Скопје по земјотресот е во согласност со модернистичкото размислување и јас негов приврзаник. Кога ќе ја погледнам постмодерната архитектура во Европа, јас не секогаш сум среќен со неа. Сѐ уште верувам во модернизмот. Погледнете наоколу во мојот стан, тој е типичен модернистички дизајн. Живеам во станбена зграда, со зеленило и пространи улици наоколу. Многу луѓе не го сакаат ова, тие сакаат други нешта. Јас сум приврзан на ова и ми се допаѓа. Но, тоа е поради фактот што имам 82, а не 20 години.

 

Околу 25 земји директно учествуваа во обновата на македонската метропола по земјотресот од 1963 година. Во минатото говоревме за Скопје како „град на солидарноста“. Какво беше чувството да се работи со толку многу професионалци од различни страни на светот?

 

Фурман: За време на нашиот разговор веќе споменав дека работењето за обновата на Скопје беше многу важен период од мојот живот и огромно искуство. Оваа работа во значаен дел претставуваше заеднички напор на луѓето од различни земји кои беа обединети заедно. Го имав задоволството да работам секојдневно со експерти од Македонија, Хрватска, Грција, Јапонија и САД. Имавме меѓународен помошен персонал испратен од Ирска, Шкотска и други земји, и многу брзо сите ние се разбиравме меѓусебно. Не само во делот на користењето на јазикот, туку и разбирањето на стиловите на живот и друго. Си помагавме меѓусебно бидејќи работевме за Скопје и за Обединетите Нации. Ние немавме било каков приватен интерес, единствена цел беше да се заврши работата на најзадоволителен начин. Научив многу од партнерите од другите земји. Беше интересно да се разбере дека истите прашања и истите проблеми ги гледаме на различен начин. Сето тоа ме збогати како човек. Јас бев тогаш млад професионалец, на самиот почеток од мојата кариера. Доволен показател за тоа колку бев воодушевен и колку ми се допадна сето тоа може да покаже фактот дека во период од речиси 10 години работев за Обединетите Нации. Работев во други делови од светот и среќавав пријатели од Македонија. Јас работев со Коле Јордановски и Никуљски во Лагос во 1976 година. Ние се сретнавме претходно во Перу по тамошниот земјотрес. Постоеја врски кои траеја со години. За време на мојот престој во Скопје, искусив многу радост што ја најдов во секој еден чекор изоден низ градот. Кога се возиш до работното место, можеш да забележиш простор кој што бил празен претходно, и на него потоа се градат нови населби кои доаѓаат од Франција, Норвешка, Финска итн. Во тој поделен свет, Американците и Русите по земјотресот се натпреваруваа кој ќе помогне побрзо и кој ќе обезбеди поголем придонес во процесот на обнова. Тоа беше нешто фантастично. Музејот на современа уметност од Полска на Скопското Кале, Романската поликлиника, Универзалната сала од Бугарија, сето тоа ме правеше да се чувствувам како член на една заедница. Толку ме фасцинираше сето ова што сакав да работам за Обединетите Нации. И работев за нив. Но, имаше една најзначајна работа. Тоа беше отвореноста и добрите мисли кои ги забележав во средбите со жителите на Скопје – колку само се интересираа за тоа што правиме. Бевме лесно препознатливи – нашите возила имаа специјални странски таблички. Ако некој направеше грешка или сообраќаен прекршок, дури и полицаецот велеше: „Другар, нема проблем, вие сте наши пријатели. Простено ви е за тоа“. За мене, Скопје беше отворен град уште од самиот почеток.

 

 

Разговорот со Станислав Фурман го реализиравме во рамките на поширокото истражување за вклученоста на Република Полска во обновата на Скопје по земјотресот од 1963 година. Финалниот текст во неколку продолженија ќе излезе допрва и истиот се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар во Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.