Маја Иванич е претседателка на Друштвото на архитектите на Љубљана. Во своето професионално портфолио може да го вброи и претседателствувањето со Сојузот на архитектите на Словенија. Нејзиното богато искуство во архитектонската критика и во новинарството го вклучува и организирањето на архитектонски изложби, форуми и конференции. Била главен уредник на архитектонско списание, но и претседател на организацискиот одбор на меѓународната архитектонска конференција „Пирански денови на архитектурата“. Споделувајќи ги своите мисли за Скопје и за архитектурата на Модерната, Маја Иванич во своето интервју директно ја повикува македонската влада да не го претвора Скопје во архитектонски Дизниленд.
Колку што можам да избројам, во проектот „Скопје 2014“ се вклучени помеѓу 77 и 100 објекти што е предвидено да се рефасадираат. Секоја од нив со различен архитектонски стил и историски период зад себе. Како би можеле да го опишете актуелниот процес на менување на фасадите на постојните објекти во Скопје?
Иванич: Најпрво, јас би била изненадена доколку не сум веќе запознаена со овој проект. Во 2010 година го посетив Скопје, ние организиравме изложба за Современата словенечка архитектура и уште во тоа време многу македонски архитекти ми споменаа за овој проект. Се разбира, јас бев многу изненадена. Како словенечки архитект, отсекогаш сум се восхитувала на модернистичката архитектура во Скопје. Скопје има богат диверзитет на архитектонски стилови, и како во секој екосистем, различноста е секогаш позитивна. Не разбирам како некој може да биде горд само на еден период од неговата историја, а не на целокупната историја на неговата нација. Но, веќе не сум изненадена. Сепак, архитектонскиот диверзитет не е значаен единствено за меморијата на националната историја, туку е исто така многу важен за економијата и туризмот во државата. Мислам дека различноста во Македонската архитектура беше многу интересна од позиција на турист, но пред сè, од архитектонска гледна точка. Би сакала да ги охрабрам македонските архитекти и другите луѓе од културата да го сопрат овој проект.
Архитектонскиот израз е заштитен, во поголема или помала мерка, од законодавството на секоја земја. Како би можеле да го опишете фактот дека Градот Скопје ги менува фасадите на некои објекти во центарот на градот без претходна согласност од архитектите кои го изработиле идентичното дело?
Иванич: За жал, сите ние сме дел од истата приказна. Архитектонските права не се почитуваат низ целиот Балкански регион. Во Словенија се соочуваме со идентични проблеми. Проблемот е дека авторските права не се почитуваат првенствено од јавните институции. Приватните инвеститори го следат шаблонот. Почитувањето на авторските права е прашање на правото и прашање на етиката. Кога граѓаните на една земја го прифаќаат секој чекор што владата го прави, притоа прифаќајќи го без било каква бунтовност, овие негативни одлуки на владата постануваат се поголеми. И повторно, би ги охрабрила архитектите од Македонија да го искажат јасно и гласно својот глас и да речат: „Ова не е исправно“. Мислам дека е многу важно да се соработува со другите професии, како што се адвокатите или економистите. Многу од нив се запознаени со проблемот.
Словенечката архитектура од пост-земјотресно Скопје се наоѓа пред опасност од проектот „Скопје 2014“. Културниот центар-Скопје е обиколен од шест објекти и во моментов Градот Скопје планира да ги промени фасадите на некои објекти од Културниот центар. Пред Универзитетскиот центар-Скопје владата гради две т.н. барокни згради. Како би го опишале постојниот напад на модернистичкото наследство кое словенечките архитекти го оставија зад себе во Скопје?
Иванич: Не е дека само словенечките архитекти ги губат своите дела, пред сè, Скопје го губи богатството на диверзитетот во неговата архитектура и култура. Наместо да се биде горд на овој многу иновативен период на модернизмот – целиот регион на Југославија ги има најубавите примери на модернистичка архитектура – македонската влада се обидува да го урне. Кога за прв пат го посетив домот на операта во Скопје, јас бев воодушевена од неговата архитектура. Таа е истовремено и убава, и сложена, и чиста, и бистра, и од таа причина е многу моќен архитектонски споменик. Скопје ја имаше оваа иновативна архитектура далеку пред Заха Хадид да се појави во архитектонскиот свет. Ниту еден нејзин објект не е толку величествен како што е објектот на операта во Скопје. Навистина ми е многу жал поради тоа што македонската влада не е способна да погледне на работите на идентичен начин.
Културниот центар-Скопје и Универзитетскиот центар-Скопје се едни од најголемите проекти на словенечките архитекти што биле изградени во странство. Колку се важни овие објекти од пост-земјотресно Скопје за словенечката архитектура од втората половина на дваесеттиот век?
Иванич: Како што реков, ова се прекрасни архитектонски зданија што словенечките архитекти ги изградиле во странство. Тие се многу важни архитектонски споменици за Словенија и за Македонија. Длабоко жалам што проектот „Скопје 2014“ се обидува да ја истисне оваа значајна архитектура. Си замислувам дека ако овој концепт продолжи, тогаш можете да се соочите со следна влада која ќе започне да го менува архитектонскиот стил од некои други периоди, кои на неа можеби не и се допаѓаат. Со секоја наредна влада Македонија би можела да ја губи историјата, поаѓајќи од фактот дека секоја од нив ќе почне да мисли дека тие треба да ја рестартираат или променат историјата.
Словенија има извонредна модернистичка архитектура од втората половина на дваесеттиот век. Како словенечкото општество денес се справува со неа?
Иванич: Словенечките архитекти во последните 20 години се обидуваат да и покажат на пошироката јавност колку е значајна модернистичката архитектура за нашата култура и идентитет. Мислам дека тоа е најзначајната и најиновативната архитектура што ја имавме овде во Југославија. Денес, таа предизвикува восхит меѓу архитектите од целиот свет. За жал, во Словенија се соочуваме со истите проблеми како во Македонија и во другите поранешни југословенски републики: модернистичката архитектура е подложна на несоодветни реновирања, или пак, се урива. Една од причините поради кои овој период сè уште не е признаен како културно наследство е недоволната временска дистанца. Друга причина е што многу луѓе, меѓу кои има архитекти и историчари на уметноста, ја поврзуваат модернистичката архитектура со политичката ситуација во тој период: ги потсетува на негативните сегменти на социјализмот, така што тие се обидуваат да ја видоизменат. Тие не се способни да ја согледаат убавината на архитектонските концепти, иновативноста, деталите, контекстот на Модерната. Во Словенија во текот на изминативе 10 години, поаѓајќи од притисокот да се следат европските директиви во согласност со нашето членство во ЕУ, ние се соочуваме со проблемот на термо изолацијата. Многу значајни модернистички зданија во Словенија ги изгубија изворните фасади преку нивно покривање со термо изолација и слоеви на финалната фасада. Друштвото на архитектите на Љубљана организираше многу тркалезни маси и дебати на оваа тема.
Каков е пристапот на словенечката држава и локалните власти кон вреднувањето и конзервацијата на добро познатите модернистички зданија во вашата земја?
Иванич: Словенија и нејзините одговорни институции не воспоставија систем што ќе го штити нашето културно наследство, без разлика на тоа дали се работи за Модерната или за нешто пред неа. Парите владеат со светот и тие исто така владеат со архитектонскиот свет. Во 2011 година, во Љубљана се соочивме со несоодветно реновирање на културниот центар „Цанкарјев дом“, еден од најзначајните културни зданија од модернистичкиот период, дело на професорот Едвард Равникар. Реновирањето беше раководено и одобрено од директорот на „Цанкарјев дом“, кој всушност во времето кога „Цанкарјев дом“ се градеше, интензивно соработуваше со професорот Равникар. Автор на несоодветното реновирање е еден од студентите на професорот Равникар. Инвеститор беше Министерството за култура. Она што не изненади нас беше потребата на архитектот и на директорот за целосна промена на модернистичкиот лик на постојниот простор. Друштвото на архитектите на Љубљана, заедно со Институтот за заштита на националното наследство на Словенија, не можеше да го сопре реновирањето. Словенечките институции треба постојано од еден кон друг проект да се потсетуваат на значајното културно наследство. 80% од потсетувањата не се успешни. Очигледно не е возможно да се организира систем што ќе ја заштити модернистичката архитектура. Се движиме од една кон друга битка. Веројатно е дека Словенија не се справува со овој проблем многу подобро од Македонија. Можеби единствено гласот на Словенечките архитектонски асоцијации и на Комората на архитекти е посилен, поаѓајќи од фактот дека ние поцврсто соработуваме.
За на крај, имате ли нешто да додадете на оваа тема.
Иванич: Ќе завршам со истата идеја со која и почнав. За секој екосистем разновидноста е клучна, истото важи и за архитектурата. Ако револуционерно интервенираме во архитектонската еволуција, како што е случајот со проектот „Скопје 2014“, ние го негираме нашиот идентитет и ја уништуваме сопствената историја – за нас и за идните генерации. Ја повикувам македонската влада да не го претвора Скопје во архитектонски Дизниленд.
Разговорот го водеше и го преведе од англиски на македонски јазик: Бојан Блажевски. Ова интервју е направено во рамки на новинарското истражување на тема „Недовербата меѓу архитектите и политичарите: Случајот на „Скопје 2014“, спроведено во рамки на Балканската стипендија за новинарска извонредност, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundation, во соработка со Balkan Investigative Reporting Network.