Претходна статија
Со интензивно темпо тече изградбата на хидросистемот „Конско“ кај Гевгелија
Следна статија
Распишан архитектонски Конкурс за надградба на општинската зграда во Кавадарци

ИНТЕРВЈУ со Ѓорѓи Мојсов – добитник на Големата награда на БИМАС 2018

Објавено на 30.10.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

 

Раскажете ни ја приказната за проектот „Челзи бизнис центар“. Кога Ви беше доверен проектот, какви предизвици постави пред Вас дадената задача, какви цели си поставивте Вие?

 

Мојсов: Целата приказна почна уште пред неколку години, кога еден од нашите верни инвеститори ми кажа дека сака да направи нешто интересно на свој приватен плац што нема да биде за комерцијална продажба туку ќе остане во нивното фамилијарно наследство. Имајќи во предвид дека објектот е лепенка и има само една предна фасада, можевме да си дозволиме да направиме нешто поексклузивно и поинтересно. Бидејќи објектот се наоѓа на мала, слабо фреквентна пешачка улица, главниот предизвик беше да се игра со формата и материјалите до степен да објектот биде атрактивен од повеќе агли и растојанија. Бидејќи димензиите на објектот, односно на предната фасада се премногу мали, мораше максимално да се разигра за да се добие посакуваниот ефект. Како што се обликуваше објектот заедно со инвеститорот секогаш предлагавме некои нови детали и промени со цел да се добие што поуспешна приказна, што се гледа од самите детали на фасадата.

 

 

Кои се карактеристиките и квалитетите на „Челзи бизнис центар“ кои би ги издвоиле и на кои сте најмногу горди?

 

Мојсов: Особено сум горд на изборот на материјали и изведбата на самите детали на објектот. Самата идеја можеше да биде многу неуспешна доколку не се обрнеше внимание на овие работи, кои во случајов значеа и поголема финансиска инвестиција. Изборот на два типа на стакло кои се испреплетуваат меѓу себе и даде дополнителна динамика на фасадата, а деталите на споевите мешу стаклото на неправилните агли, како и споевите на секој нареден кат со предходниот придонесе за успешната реализација. Уште еден успешен детал се и употребата на топли материјали, како дрво под козолните исфрлувања и стара тула во влезниот дел на објектот со цел да се потенцира влезот, како и стаклените неправилни огради над секој кат од структурално транспарентно стакло.

 

 

Какви беа Вашите очекувања пред биеналето? Како го доживувате БИМАС и пред сè како ја доживувате оваа награда?

 

Мојсов: Од биеналето, како и секоја друга манифестација кај нас на која учевствуваме како проектантско биро немавме никакви очекувања, секогаш тргнуваме со идеја да ја споделиме нашата работа со остатокот од фелата и со граѓаните без некакви очекувања за награда. Наградата многу пријатно ме изненади и мило ми е што присуствував на доделувањето. Особено ми е мило што, како што кажаа од жирито, едногласно била доделена, што значи дека сите квалитети за кои што пишував погоре биле препознаени од самото жири

 

 

Кои темелни вредности Ве водат при создвањето на проектите, и по што се карактеристични Вашите дела?

 

Мојсов: Обично секогаш почнувам од проектната програма и задача, со цел да се задоволат потребите на инвеститорот и да се добие квалитетен простор во кој ќе може да се живее или работи и кој ќе одговори на моменталните потреби на пазарот. Потоа следува фазата на фасадно обликување, во којашто треба да се земе во предвид инвестиционата моќ на инвеститорот, загубата на продажна површина за сметка на разиграноста на фасадата како и клиентите за кој ќе биде наменет објектот. Последново е особено битно долку сакате објектот да изгледа убаво и после некое време, односно освен квалитетот на фасадата, да се оневозможи натамошна интервенција на надворешноста од страна на станарите, односно клиентите. Во моите дела кои ги сметам за успешни секогаш преовладува контраст на форми и бои, како и тип на материјали. Секогаш се трудам да користам материјали на објектот кои се трајни и отпорни на атмосферски влијанија, или доколку не се, да бидат соодветно заштитени.

 

 

Можете ли да издвоите некои од вашите проекти што Ви се особено драги?

 

Мојсов: Од најомилени реализирани објекти би ги издвоил:

– Сан Марко, односно Комерцијална Банка на главниот плоштад во градот, и покрај сите објекти кои успеаја во целост да ја скријат зградата од повеќе агли

– Боними, станбено деловен објект во Дебар маало, веднаш до хотелот Дувет

– катната гаража 6.7., односно Смилевски конгрес веднаш до МНТ, како најтежок објект на којшто сум работел, бидејќи сите бетонски платна и плочи се неправилни и спирално обликувани

– комплексот Сити Гарден, како најголем станбено деловен објект на којшто сум работел

– објектот во Маџар маало со триаголна форма, поради самата форма која беше предизвик за проектирање на станови, кој е во крајна фаза на реализација

 

 

При реализацијата на проекти во Македонија, во колкава мерка се почитуваат стручните ставови на архитектите наспроти интересот на инвеститорите за поефтина реализација на проектите? Дали има подобрување на ова поле во последните неколку години?

 

Мојсов: Мора да признаам дека на прсти се бројат оние инвеститори кои сакаат да направат нешто убаво за градот и луѓето во него и тоа се гледа насекаде околу нас. Тука најголема вина имаат покрај самите инвеститори и општините и самите планови кои ги носат, кои диктираат здодевна и неинвентивна архитектура. Едноставно во Македонија во последно време не постои вистинска архитектура во однос на игра на форми, волумени, концепт, за разлика од периодот на постземјотресно Скопје кога се создадоа последните ремек дела во нашиот град како Поштата, Музејот на Македонија, Современиот музеј, ГТЦ, МОБ и други објекти. Во денешно време сите објекти наликуваат еден на друг, со некоја минимална игра на форми и материјали на самата фасада.

 

 

Според Вас, кои деловни објекти во Македонија отскокнуваат во архитектонски поглед?

 

Мојсов: Деновиве имав шанса да прошетам во околните земји и да ги посетам главните градови и морам да кажам дека е очигледно нашето назадување во однос на модерната архитектура, особено во областа на деловните објекти. Сепак во поново време има неколку објекти во Скопје кои ми се интересни, како на пример фабриката која ја доби главната годишна награда годинава, катната гаража до Музејот на град Скопје, деловниот центар Синерџи покрај кејот во Аеродром и др.

 

 

Како го гледате Скопје и особено Малиот Ринг за десетина години?  

 

Мојсов: Скопје, а особено строгиот центар на градот би сакал да го видам како нормален, среден, чист град, наменет првенствено за пешаци и за велосипедисти. Град со средени и убави паркови, многу јавни површини, подземна железница, модерни убави објекти со убаво осветлување, повторно заживеана стара чаршија, Дебар маало како пешачка зона и секако Вардар со плава боја на водата. Се ова е можно само со успешно работење на општините и градот.

 

 

На што работите во моментов?

 

Мојсов: Моментално работиме на неколку станбено-деловни објекти и индивидуални куќи и се надевам дека некои од нив, доколку инвеститорот ги испочитува до крај нашите барања ќе бидат пријатно освежување за градот.