Претходна статија
Општина Битола го продава земјиштето во поранешната касарна
Следна статија
ТЕМА: Мали хидроелектрани - големи нереализирани проекти

ИНТЕРВЈУ: Повеќе внимание да се посвети на урбаната оска Стара железничка станица – Бит пазар

Објавено на 23.11.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Мимоза Несторова ТомиќОвогодинешната добитничка на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, архитектката Мимоза Несторова Томиќ во интервју за интернет – порталот „Билд“ говори за врвните достигнувања во својата богата професионална кариера, за Генералниот урбанистички план на Скопје по земјотресот, за проектот „Скопје 2014“, за ревитализацијата на Старата скопска чаршија и за идеите за идниот развиток на македонската метропола.

 

 

Комисијата за доделување на овогодинешната награда „Андреја Дамјанов“ одлучи високото признание да ви го додели Вам. Како ја доживувате добиената награда за животно дело?

 

Станбени згради во скопски КапиштецМорам да признаам дека ја примив со големи емоции. Драга ми е, бидејќи ми е доделена по предлог на млади колеги архитекти. Напросто дојде како освежување во моите години да ја добијам наградата, особено поради тоа што вредностите кои се дело на мојот долгогодишен труд се маркирани од друга помлада генерација. Самата награда е голема затоа што Андреја Дамјанов оставил големи дела не само во Македонија, туку е баран архитектор (како што го викале) и во Сараево, Мостар, Ниш, Смедерево, Самоков и Сливен. Во литературата е забележан дека градел по целата територија на Румелија, како милувале да ја викаат Османлиите, а тоа е источното Римско царство – Византија.

 

 

Вашето богато професионално портфолио води кон прашањето кој архитектонски проект, ентериер или реконструкција го сметате за врвно достигнување во вашата повеќедецениска кариера, колку и да звучи тоа неблагодарно?

 

Од областа на заштита на старите историски урбани јадра го издвојувам Деталниот Урбанистички План (ДУП) за Скопската чаршија и ДУП за чаршијата на град Струга. Изработката на ДУП-от е тимски труд каде учесници бевме архитектите Т. Арсовски, А. Банчотоски и М. Несторова Томиќ преку Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје. Во изработката на документационата основа учествуваше и Градскиот завод за заштита на историските споменици на град Скопје со авторите арх. Н. Ничота и арх. А. Танева и советникот, турколог и историчар Л. Богоевиќ. Етнолошката студија беше изработена од Историскиот музеј на град Скопје. Чаршијата беше оштетена, имаше дилема за нејзиниот опстанок бидејќи навистина сликата беше депресивна. Победи екипата која и во таква состојба се избори да ја сочува и успеа да најде разбирање кај градските авторитети да се стави во програмата за ревитализација, по која се постапи. Програмата за ревитализација ги опфати сите параметри и тоа: комплетна инфраструктура – водовод, канализација, топлификација, телефонија и осветлување. Во Деталниот план првата фаза беше изградба на инфраструктурата, втората е планот за архитектонска ревитализација: санација на оштетените дуќани и санација на оштетените монументални споменици. Во оваа фаза се пристапи кон реконструкција на срушените објекти: Сули ан и Капан ан. Третата фаза беше реализација на планската документација од меѓународниот конкурс за централното градско подрачје, а тоа се Музеите на Македонија. Локацијата за музеите беше консултирана со директорите на музеите. Бидејќи во Куршумли ан беше времено сместен Археолошкиот музеј, логиката беше анот, како монументално најстар објект, да соработува со новата зграда, а анот е погоден за функцијата лапидариум.

Сули анСули анСули ан

 

Од областа на реконструкција на монументални објекти го издвојувам Сули ан, бидејќи е издигнат од руина, со многу малку елементи за реконструкција, презентиран на Светскиот симпозиум на тема „Реконструкција на сеизмички подрачја“. Публикуван е како успешна реконструкција во италијанското списание „Edilizia Populare“.

 

Од областа на реституција на просторот ги издвојувам угостителскиот објект „Менада“ и комплексот дуќани на улицата Казанџиска.

 

Од областа на јавните згради би ја издвоила стоковната куќа „Скопјанка“, која е со специфична конструкција – носечкиот систем е со помош на кубусите за лифтови и инсталации, како и јадрата за скалишен простор со периферно поставени столбови. Така ентериерот е ослободен од столбови. Објектот е публикуван во јапонско списание за сеизмика од страна на јапонски соработник во ИЗИИС.

„Менада“Комплекс дуќани на ул. КазанџискаСтоковна куќа „Скопјанка“

 

Кај Музеите на Македонија (автори Мимоза Несторова Томиќ и Кирил Муратовски) сметам дека ги задоволивме просторните, програмските параметри а постигнавме динамика на објектот, повторно со добро конципиран конструктивен систем. Во тренд беше примената на натур – бетонот, го искористивме во приземјето а катовите ги обликувавме со природен материјал – мермерни плочки и се доби рустичната фасада. Наш проект е и ентериерот на Етнолошкиот музеј, одделот за народните носии, како и витрините за севкупната поставка.

 

Со задоволство можам да го спомнам ентериерот на Универзалната сала, каде се осигурува најпрво аудиториумот, кој беше од дрвена конструкција и опасен за таков број на публика и е заменет со бетонска конструкција – систем Тисен. Поставени се комплетно нови седишта и направени се интервенции во сценскиот простор. Со помош на превртените сферни елементи успешно е осигурана акустиката. Таа е единствена сала каде партерот на гледалиштето се трансформира во сценски простор со помош на практикабли.

Музеј на МакедонијаЕнтериер на Етнолошкиот музејЕнтериер на Универзална сала

 

 

Како архитект сте учествувале во реконструкцијата и ревитализацијата на срушениот Сули ан, изградбата на објектот Менада, идејниот, главниот проект и реализацијата на Музеите  на Македонија. Доколку денес властите се одлучат да ве изберат за главен архитект при реконструкција, ревитализација или проширување на чаршијата, кои предлози, идеи или проекти би ги понудиле за овој сегмент од Скопје?

 

Како прво, непристојно би било јас да се прифатам за таква функција, бидејќи има млади талентирани архитекти кои можат да ја совладаат оваа проблематика. Тоа не значи дека со задоволство и безрезервно не би го пренела моето искуство. Урбаната реконструкција е процес, нашата екипа направила толку колку што била подржана финансиски од државата. Многу од нашите проекти останаа нереализирани, има работа на тој простор за голем број проектанти и изведувачи. Зацртаните простори за реституција се потенцијални архитектонски задачи. Дисциплинирањето на просторот кај Бит  пазар е потенцијален предизвик. Едно од маалата кои останале во состав на старо Скопје е Дуќанџик маалото кое се поставува како составен дел на чаршијата и Саат – кулата како неминовен придружен простор.

 

 

Кое е вашето размислување за денешниот развој на Старата скопска чаршија преку бројните реконструкции и пренамени на занаетчиските објекти, во правилна насока ли се движи денешниот развој на чаршијата?

 

Просторот е еден од константните вредности, архитектонските објекти се апликативната објективна вредност. Содржините во тој простор генерално се историски наменети со познатите содржини: занаетчиски, трговски, угостителски. Ановите биле со денешен јазик мотели, амамите – колективни простори за хигиена и уживање, џамиите – храмови за молитва. Просторот и архитектурата го надживуваат времето, содржините се променлива категорија. Токму монументалните објекти доживуваат големи трансформации, не само кај нас туку во целиот свет, програмата за ревитализација е програма на ОН, на УНЕСКО кој е универзален. Потребна е потрага по нови содржини во објектите без да ја навреди вредноста на архитектонскиот објект. Таа програма ја следевме така што го сочувавме интегритетот на монументалните објекти со новите содржини од културата. Што се однесува до останатите функции, занаетите претрпеа големи трансформации, некои се изгубија, други пак со голем напор опстанаа. Содржински трансформациите се големи, зависно од побарувачката на пазарот. Што се однесува до фините занаети, се чувствува тренд на интерес како сувенирски производи. Конкретно, чаршијата е хетерогена содржина и најмалку сувенирски дуќани се отвораат во тој простор. Угостителството пак е приказна за себе каде треба да се бара трансформација, збогатување и програмирање во однос на перспективите за туристичките програми. Приказната ја имаме, треба најквалитетно да се искористи во трендот на туристичката побарувачка и понуда.

 

 

Зградата на Музејот на Македонија се наоѓа во незавидна состојба поради прокиснувањето на покривот. Еден од раководителите на оваа културна установа за медиумите изјави: „Не ми е јасно таквото решение, па дури и да е во име на некаква архитектура. Ако нема покрив, се знае дека кога – тогаш ќе почне да прокиснува“. Каде лежи проблемот со објектот на нашата најзначајна музејска установа?

 

Зградата на музеите не е без покрив. Дел од површината на кровот е реализирана како рамен кров. Рамните кровови се користат насекаде низ светот. Проблематични се кај нас бидејќи бараат контрола и негување. Петнаесет години кровот не прокисна, но ако еднаш се занемари неговото одржување, постанува како рак рана на објектот. Има лек и за тоа – средствата за изолација денес се квалитетни и има голем избор. Постои уште еден проблем – сите јавни објекти бараат инвестиции за добро одржување, а и добра фирма која ќе ги сервисира и ќе ги отстрани настанатите дефекти. Музеите се изградени во 1972 година, а секој објект бара одржување или иновација, како климатизација и санациони зафати.

 

 

Како еден од учесниците во изработката на Генералниот урбанистички план за Град Скопје по катастрофалниот земјотрес, како гледате на тогашниот тимски труд од денешен аспект?

 

Урбанизмот е интердисциплинарна наука, потребата од тимска работа сама по себе се наметнува, секоја од гранките дава информации за конечната верзија на планот. Тимската работа бара дисциплина, динамика, а урбанистите се екипата кои ја прават финалната верзија. Пред финалната верзија како контрола на движењето на проектот имаше консултативно тело кое беше составено од повеќе профили на стручен кадар, кој е задолжен во тек на изработката на проектот навреме да се откријат недостатоците. Таа методологија е универзална и правилна. За жал, се повеќе се упростува методологијата и ја сведуваме на нашите сфаќања, страв од критика и наметнување на финален проект. Уште при изработката на урбанистичката програма треба да се посвети големо внимание. Презентацијата и ревизијата на истата да се темелни и добро елаборирани преку квалитетна дискусија.

 

ГУП – от на постземјотресно Скопје беше одраз на севкупната ситуација во градот. Солидарноста и помошта од Обединетите нации беше голема. Големи фирми работеа на секторските студии заедно со тимовите, а Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје беше носител на целиот товар на менаџирањето. Треба да се нагласи дека работеа повеќе експертски фирми: Доксијадис – Грција, Полсервис – Полска, Вилборт и Смит – САД. Тие дадоа голем придонес, а беше по нормативи на ОН. Да не се заборави дека на плановите се работеше во услови кога земјиштето беше национализирано и се припаѓаше на Македонија. Денеска комплетно условите се изменети во однос на сопственоста, многу урбанисти беа затечени, тоа се рефлектираше со извесни несакани дејствија врз просторот. Просторот стана предмет на шпекулативни дејствија.

 

 

ГУП – от за постземјотресно Скопје и проектот „Скопје 2014“ оставаат неизбришлива трага во современото битисување на метрополата. Каква споредба би направиле во однос на двата проекта од нивната основна замисла до финалната реализација?

 

Разликите се големи во однос на пристапот за решавањето на централното подрачје. Во 1965 година центарот на Скопје беше предмет на конкурс со посебна одлука на ОН. Дотогаш таков проект не беше финансиран од ОН и главниот менаџер архитект Вајсман. Четири меѓународни експерти беа поканети да учествуваат на конкурсот од четири различни земји и тоа: САД – арх. М. Ротивал, Холандија – арх. Ван Де Брук и арх. Бакема, Италија – арх. Л. Пичинато и Јапонија – арх. К. Танге и четири домашни фирми од поранешните југословенски простори: Македонија – проектант Брезовски, Србија – институт за урбанизам, Хрватска – институт за урбанизам и Словенија – професор Равникар. Оценувачката комисија ја сочинуваа четири експерти делегирани преку архитектонските и урбанистичките асоцијации од странство и четири од југословенските простори преку домашните асоцијации. Првонаграден беше едногласно проектот на К. Танге.

 

За тој проект ќе набројам неколку карактеристики: 1) почитување на водата како медиум – богатството на градот е токму тука, целата визуелна и животна енергија на тој простор е реката Вардар, 2) интеграцијата на левиот и десниот брег, 3) формирање на функционални урбани структури, 4) користење на антички урбани елементи како агора, пијаци и пијацети, поврзани со урбани мини структури преку пасарели. Авторот се користи со симболи. Приодот од тимот е метаболистички, теоретски и филозофски приод кон градот и градското јадро како единствена функционална целина. Применет е системот на структурирање на функционалните композиции. Естетските вредности се во корелација со просторот, амфитеатрално приближувајќи се до водата. Локални инспиративни елементи се од средновековната тврдина, како ѕидови и кули. Старата чаршија е како инспиративен елемент за Бизнис центарот. Чаршијата се развива по хоризонтала, бизнис центарот со динамично структурирање поставен е по вертикала. Ова е краткиот опис на еден проект кој немаше среќа до крај достоинствено да се реализира. Се менуваа авторитетите и нивните сфаќања и планот изгуби на динамика, но не и од актуелноста, што значи дека урбанизмот е проектиран со футуристичка визија. Секој план треба и мора да се преиспита во времето во кое се твори и да се изврши негова евалуација. Нема идеални планови, како ни идеални реализации.

 

„Скопје 2014“ е донесен скоро со декрет, со презентација на интегралната визија. Програмскиот зафат е голем, со хетерогени содржини. Проектот заслужуваше поопстојна презентација пред стручната јавност. Визијата е концентрирана на приобалието, просторно е ограничена, што прави потешкотии при комплексното претставување на објектите. Така се сведува на фронтална панорамска урбана презентација. Презентирано филозофски, секоја акција е продукт на причините и затекнатите услови. Факт е дека централното подрачје подолг период е неизградено. Се отвори голем фронт за градба на станбената населба Аеродром, кој проект напросто ја одзема финансиската моќ на градот. Планот од 1996 година пак предолго се бранеше, се блокираше било каква реализација. Така, „Скопје 2014“ треба да се разгледува и како реакција. Мора да се признае дека Владата е голем мецена. Динамиката на изградба е со завидно темпо, резултатите допрва ќе се оценуваат. За жал има доста импортирани објекти и елементи кои не припаѓаат на ендемската архитектонска корелација.

 

 

Кој објект од проектот „Скопје 2014“ го сметате за најрепрезентативно здание, а кое здание би го оквалификувале како недостојно за централното градско подрачје?

 

Стариот театар, иако со зголемен габарит, ќе ги исполни очекувањата. Како архитектонско – естетски, така и преку ентериерот. Се надевам и програмски ќе ги исполни очекувањата на старите Скопјани и ќе ги ослободи од носталгијата. Плоштадот се збогати со фонтаната, фонтаните се благодарен урбан елемент. Репер е тоа што жителите ја прифатија и се гледа раздвиженост токму околу тој простор.

 

 

Што би вцртале во ГУП – от на македонската метропола во функција на идниот развој на градот?

 

Како прво, треба да се знае состојбата во однос на популацијата, квалификационата структура и други состојби на параметрите – примарните, секундарните и терцијалните дејности. Ќе го парафразирам арх. урбанист Доксијадис кој вели дека треба да има: 1) програмска визија, 2) проекција 2012 – 2032, 3) дилеми: технолошки развиен град, 4) информатички град, 5) децентрализиран град со концепт за рамноправен развиток на градовите во државата. Главните градови вообичаено се нападнати од разни структури, миграцијата е постојана закана. Единствен начин за правилен развиток на градот е да се воспостави контрола над целиот град во рамките на неговите потесни и пошироки урбани граници. Градот Скопје во груба урбана слика во однос на Република Македонија е црна точка. Таа слика може да се поправи исклучиво во развивање на индустриски капацитети во целата држава зацртани во просторниот план на републиката. Над сите планови најважен е просторниот план на Р. Македонија. Таму се проекциите за макроурбаната политика и програма за развиток. Тој е базата за комплексниот урбан развиток.

 

Денес големите градови се ослободуваат и ја ограничуваат изградбата на индустриски капацитети, се ориентираат кон современите движења на информатичкиот град. Информатичкиот град е тесно врзан со концептот на рамноправен развиток на градовите во државата, користејќи ги природните ресурси и потенцијали на опкружување на регионот. За наши услови интересна е комбинацијата на информатичкиот град и рамноправниот развиток на останатите градови во Македонија. Да се посвети внимание на руралните средини, како мали приградски производни населби, како и развивање на постојните приградски населби за да ја добијат вистинската урбана содржина. Градот ќе се децентрализира и по пат на сегрегација на класната структура. Зоните на високото вредно индивидуално домување ќе се засилат, затоа е важно да се согледаат сите елементи при планирањето.

 

Втората димензија е дизајнирање на градот, со филозофски речник тоа би значело функционално – естетски прерогативи. Структурирањето на урбаните и архитектонските функции – чисто теоретски со извесни насоки. Специфичностите на структурите од хуманата скала, како и релација помеѓу урбаните простори кон архитектонско – комуникациските простори. Повеќе внимание да се посвети на целиот урбан простор со функционалните, комуникациските простори и др. Како пример ќе го земам следното: Стара железничка станица – Бит  пазар. Таа историска урбана оска е историја на градот и нужно е да и се посвети подеднакво внимание. Улица Македонија завршува со објектот на Старата железничка станица која уште е руина. Еден професор од Берлин ме праша дали сме сентиментално врзани за оваа руина. Таа е добра завршница на ул. Македонија и ги поседува сите елементи за реконструкција или пак како што современата теорија за реконструкција промовира идеја: сочувај ги автентичните елементи, гради современо.

 

Важноста на просторот е подеднаква за еден град, затоа постои и предметот на валоризација. Подеднакво е важен централниот простор, дали се работи за Малиот ринг или Големиот прстен. Потребата од рамноправен однос кон севкупниот простор е неопходна.

 

 

Бојан Блажевски