Стотици граѓани, архитекти, политичари и бројни интелектуалци вчера излегоа на протестниот собир за зачувување на препознатливиот карактер и духот на Градскиот трговски центар (ГТЦ). Тие формираа обрач околу зданието и со симболично гушкање го изразија својот револт против одлуката на раководството на ГТЦ за усвојување на барокното идејно решение, со кое се изобличува маркантниот објект во центарот на Скопје. Во текот на вчерашниот ден околу 4.000 граѓани за само неколку часа се потпишаа на петицијата што ја иницираше Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ). Помеѓу граѓаните, присуствуваше и Лидија Марковска, една од проектантките на ГТЦ. Граѓанската иницијатива ќе продолжи со собирање потписи против одлуката на раководството на трговскиот центар, а во наредниот период се можни и нови протести.
На вчерашниот настан со свои говори зедоа учество и професорите Мартин Гулевски, Мишко Ралев, Елизабета Аврамовска, Небојша Вилиќ и претседателката на ААМ Даница Павловска. „ГТЦ во времето кога е изграден има актуелност во европски рамки, како новина во организација на просторот за вакви комплекси. За нас тој и до денес останува образец за успешно разрешување на сериозни архитектонско – урбанистички артикулации“, нагласи во своето обраќање универзитетскиот професор Мартин Гулевски. Професорот Мишко Ралев напомена дека ГТЦ е несомнено дел од културното наследство на Македонија, дело на познати архитекти кои оставиле белег во македонската историја, како и останатите уметници. „Дали сликите на Мазев, Белогаски, Личеновски треба да се префарбаат, тоа е прашањето што се отвора денеска“, рече професорот Ралев.
Никос Чаусидис, професор од Филозофскиот факултет говореше за тоа како граѓаните меѓусебно се разликуваат по нивните спомени и по сеќавањата на нивниот живот. „Што го сочинува сеќавањето? Сеќавањето го сочинуваат настаните што се случиле, но тие настани ги нема, го сочинуваат времето што поминало, но и времето го нема, значи, ни останува просторот во кој се случиле тие настани. Токму тој простор не прави да бидеме различни од некои други луѓе кои живеат во други градови“, заклучи во својот говор професорот Чаусидис.
Во својата критика кон нарушувањето на авторските права на архитектите во случајот на ГТЦ, професорката од Архитектонскиот факултет Елизабета Аврамовска се обрати кон раководството на ГТЦ и кон македонските власти. „Сакам да поставам прашање до институциите кои го распишаа конкурсот, до оние кои ја добија идејата за обезличување на ГТЦ. Дали Законот за авторски права е важечки само за естрадата? Што е со архитектурата и со архитектите?“, запраша професорката Аврамовска. На крајот од обраќањето на македонските интелектуалци, со своевиден музички перформанс сопствениот став го изрази и Небојша Вилиќ, универзитетски професор на Факултетите за ликовна и за драмска уметност во Скопје. „Не знам што сакам, ама знам дека го сакам ГТЦ“, истакна тој.