Претходна статија
И годинава субвенции за сончеви колектори и прозорци во домаќинствата
Следна статија
Патниот Коридор 10 ќе биде целосно завршен до јуни

Иницијатива „И Саем е Скопје“ против рушењето на Скопскиот саем

Објавено на 31.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Архитекти, членови на семејствата на проектантите на Скопскиот саем и граѓани од различни професии формираа иницијатива „И Саем е Скопје“, со која што бараат да се спречи рушењето на објектите од Скопскиот саем. Сите тие сметаат дека модернистичкото здание е еден од стожерните бранители на идентитетот на постземјотресно Скопје и непобитен дел од историјата на македонската архитектура. „Дозволете ни, ние граѓаните да бидеме вклучени во донесувањето на вашата конечна одлука. Просторот на Саем е ваш. Објектите се ваши. Но, дозволете ни нашите сеќавања да останат поврзани со таа форма. Не го рушете. Задржете ја уникатната флуктуирачка и повеќенаменска моќ на просторот“ се вели во отвореното писмо.

 

 

Ова писмо од иницијативата е адресирано до премиерот Зоран Заев, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски и до сопственикот на локацијата Арсим Папранику. Во јавното обраќање се наведуваат неколку факти за единствениот комплекс за одржување на саемски манифестации во земјава. Како прво, почетокот на функционирање на Скопскиот саем се совпаднал со одржувањето на Светската шаховска олимпијада во Скопје. Воедно, Скопскиот саем беше една од ретките локации во главниот град каде што се одржуваа концерти на светски и домашни музички ѕвезди.

 

Отвореното писмо на иницијативата „И Саем е Скопје“ доаѓа по декемврискиот оглас на компанијата „Скопје Ист Гејт“ за проектанти што би подготвиле проектна документација за планираниот повеќенаменски комплекс од 250.000 метри квадратни. Во изминатава деценија се променија неколку сопственици на самите саемски објекти и на неизграденото земјиште до самиот саем. Сепак, ниту еден од овие инвеститори не планираше да се одлучи на ваков радикален чекор, со којшто постојниот Скопски саем би се срушил за да се градат нови објекти на негово место.

 

Скопскиот саем е архитектонско творештво на четворица македонски автори – Димитар Димитров, Живко Гелевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ. Комплексот бил завршен во 1972 година и се простира на површина од 25.000 метри квадратни. Од нив, шесте саемски хали се простираат на 16.000 метри квадратни, а се архитектонски обликувани во духот на модерната.