По долготрајната пауза на проектот, направен е чекор напред во реализацијата на идејата за нова зграда за Драмскиот театар во Скопје. Министерството за култура распиша оглас за избор на компанија која ќе го изработи Основниот проект за објектот, за сите фази од изведбата. Најповолниот понудувач на отворената постапка ќе има рок од 8 месеци да ги заврши архитектонските и инженерските работи за предвидениот објект, а понудите на заинтересираните субјекти треба да се достават до 18 мај, денот кога ќе се одржи и нивното јавно отворање. До крајот на годинава или почетокот на наредната година би требало да се изработи Основниот проект, ако се почитува времетраењето на предвидениот договор.
Од изборот на идејното решение до објавувањето на јавниот повик за изработка на Основен проект за оваа театарска установа поминаа повеќе од 3 години. На крајот од март 2009 година, беше избрано модернистичкото решение на архитектите Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска, а уште два други проекти беа откупени на конкурсот што го спроведе Министерството за култура. Идејното решение предвидува изградба на повеќенаменска шесткатна зграда, со висина од 30 метри, на површина од околу 4.000 метри квадратни, при што приземјето и првите два ката ќе бидат наменети за Драмскиот театар. Во проектот е зацртана сала за изведба на претстави со 350 седишта и дополнителни 150 во галеријата. Засега нема најави кога ќе започне изградбата на новото здание на културната институција, а според вообичаената постапка, по изработката на Основниот проект треба да следува избор на градежна компанија што ќе го гради објектот.