После долго тактизирање, градските власти излегоа со детали околу проширувањето на Илинденска помеѓу владата и „фонтана“. На тој сегмент се предвидува профил од четири ленти широки по 3,25 метри. Ваквото решение е спротивно на важечките генерален и детален урбанистички план, со кои таму е предвиден тунел. Затоа од градот најавуваат изработка на планска документација која во меѓувреме ќе биде приложена до Општина Центар за измена и прилагодување на ДУП-от, но останува нејасно како ќе се носи ДУП во спротивност на ГУП-от.
Според градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, проширувањето не значи дека е целосно отфрлена идејата за подземен сообраќај. Но ваквата идеја останува за „подобри времиња“ бидејќи проектот бил прескап за сегашните финансиски можности на градот. Според податоците со кои истапуваат градските власти, изработка на основен проект за тунелот би чинела половина милион евра, а неговата изградба 10 милиони евра.
Сегментот помеѓу „фонтана“ и Бул. 8ми Септември исто така се соочува со проблеми. Поради нерешени имотно-правни спорови, се најавува изведба без средишно зеленило, а со променлива широчина на тротоарите и велосипедските патеки. Изведувач за овој сегмент е веќе избран – Гранит. Според Трајановски, се разгледуваат можности двата сегменти да се стават под капа на истиот тендер. Доколку тоа не е можно ќе треба да се оди на нов тендер за сегментот помеѓу „фонтана“ и владата, но владее оптимизам дека проектот ќе биде завршен до крајот на 2010.
Форумска дискусија за овој проект –> овде