По урнекот на Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Охрид и Кочани, општинските власти во Штип планираат да воведат јавен градски превоз. Во моментов се анализираат начините на реализација на проектот и неговата финансиска рамка. Тековната анализа ќе покаже дали општината сама би го реализирала проектот, по примерот на Скопје и Прилеп или, пак, градскиот превоз ќе го организираат со активно вклучување на приватни автотранспортни претпријатија.
Општината допрва ќе утврдува дали е можно да се организира јавниот превоз со автобуси или комбиња, земајќи го предвид специфичниот ридски терен на кој е лоциран градот. Локалната самоуправа планира да воведе три линии, со кои центарот на Штип ќе се поврзе со населбите и околните приградски места. Ако се исполнат очекувањата за бројката на патници, во иднина би се разгледале и други предлози.
Штип е најголем град од источниот дел на Македонија, но со години наназад има проблем со организирањето на јавен градски превоз. Покрај големиот број жители, секојдневно во градот се слеваат и студенти од другите населени места, со што уште повеќе се актуелизира потребата од ваков вид превоз. Претходното општинско раководство уште во 2014 година донесе одлука за негово воведување, но истата не беше реализирана до денешен ден.