Во битолското село Братиндол деновиве беше промовирана првата хибридна куќа во сопственост на Вангел Адамовски, изработена по проект на компанијата „Аресе солушнс“ од Скопје. Иновативноста на проектот е во тоа што куќата претставува целосно енергетски независен објект, кој потрошувачката за енергија ја намирува преку ветерот и сонцето. Во иднина сопственикот на објектот воопшто нема да плаќа сметки за електрична енергија благодарејќи на имплементирањето на оваа енергетски ефикасна и еколошки пријателска идеја.
*хибридната куќа во Братиндол
„Најголема придобивка е всушност потполната енергетска ефикасност, бидејќи објектот не поседува мрежен приклучок кон јавната дистрибутивна мрежа. Од друга страна тоа значи комплетно елиминирање на месечните трошоци за електрична енергија чија цена со сигурност ќе расте во идниот период со тенденција да се изедначи со цената на електричната енергија во земјите на ЕУ“, истакнува за „Билд“ Робин Бојчевски, сопственик на фирмата Аресе солушнс.
*хибридните куќи во развиените држави одамна станаа реалност
Во објектот за индивидуално домување се инсталирани генератори на енергија од сонцето и ветерот. Фотоволтаичниот систем за производство на електрична енергија, ветрогенераторскиот систем за производство на електрична енергија и термалниот колекторски систем за загревање на вода се новитетите кои на куќата и обезбедуваат независност од централниот дистрибутивен систем. Во случај на недостиг на сонце и ветер, планирано е објектот да се напојува со енергија преку искористување на водните потенцијали, односно преку вклучување на микро хидро турбина која ќе биде во склоп на куќата.
*рециклиран материјал употребен во хибридна куќа
Хибридната куќа на семејството Адамовски претставува прв целосно енергетски независен објект во земјава. Иако во Македонија има голем број сончеви денови и денови со ветер, искористеноста на обновливите извори на енергија е исклучително ниска и истата најчесто се базира на користење на сончеви колектори за загревање на водата во домаќинствата. Сепак, сопственикот на компанијата Аресе солушнс вели дека интересот за ваков тип објекти од ден на ден е се поголем. „Во моментов се работи на неколку речиси идентични проекти во различни региони на Македонија, и што е уште поинтересно, постои значителен интерес за инсталација на ваков тип системи дури и во урбаните средини“, истакнува господинот Бојчевски.
*хибридните куќи секогаш се вклопени во околниот пејсаж
Постојат низа предности кои ги нуди хибридниот дом во однос на стандардните индивидуални и колективни градби. Најзначајната карактеристика е штедењето на финансиски средства за користење на енергија, но и енергетската ефикасност на објектот која се постигнува преку инсталираните системи. Користењето на обновливи извори на енергија не ја загадува животната средина, но хибридниот дом истовремено претпоставува и користење на градежни материјали кои се еколошки прифатливи и не го загрозуваат човековото здравје. „Ваквите системи допринесуваат за намалена емисија на СО2 и се во целосна согласност со препораките за преземање мерки за намалување на емисијата на т.н. стакленички гасови“, вели Робин Бојчевски. Конечно, хибридните куќи овозможувааат креативност и иновативност на архитектите, изведувачите и на сопствениците, што доведува до тоа финалниот објект да претставува уникатна градба поразлична од стандардните објекти за домување.
*снабдување со електрична енергија преку искористување на сонцето
Во книгата „The Hybrid House: Designing with Sun, Wind, Water and Earth“ авторката Catherine Wanek пишува дека хибридната куќа претставува замисла која е поврзана и зависна од локацијата и климата каде се наоѓа. „Хибридната куќа е обмислена комбинација на градежни материјали и методи за енергетска ефикасност и користење на природните богатства“ истакнува авторката во својата книга. Хибридниот дизајн ја користи природната енергија и е интегриран со пејсажот околу него, а како последица на тоа доаѓа оригиналноста и исклучителноста на севкупниот објект која претставува карактеристика, а не исклучок.
Бојан Блажевски