Претходна статија
Филтерската станица за водоводот во Гостивар ќе биде завршена во првата половина на 2013 година
Следна статија
ЕЛЕМ планира да гради концентрирачка соларна електрана во близина на РЕК Битола

И во Битола ќе се воведе зонското паркирање

Објавено на 07.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По примерот на Скопје, Струмица и Куманово, локалните власти од Битола се одлучија да спроведат проект за зонско паркирање во градот. Советот на општината на последната седница ја прифати одлуката за започнување постапка за доделување договор за воспоставување јавно – приватно партнерство за давање услуги за паркирање. На реализацијата на проектот му претходеше изработка на физибилити – студија, која ја покажа исплатливоста и потребата од воведување наплата на паркинг местата во градот. Предвидено е во Битола да постојат три зони за паркирање со вкупен капацитет од 1.951 паркинг места, а наплатувањето на услугата да се врши по електронски пат.

 

Во првата паркинг – зона наплатувањето би се вршело во периодот од 7 до 17 часот во износ од 30 денари за секои два часа, односно 20 денари за секои два часа во периодот од 17 до 02 часот. Во втората и третата зона цените за оваа услуга ќе бидат пониски. Општина Битола допрва преку оглас треба да избере приватен инвеститор во проектот, а рокот за воведување на зонското паркирање е 90 дена по потпишувањето на договорот со идниот партнер. Планирано е најпрвин да се воведе наплата на услугата паркинг во првата зона во строгиот центар на Битола и потоа сукцесивно да се воспостават останатите две зони. Концесионерот е должен во првите 60 дена од воведувањето да организира промотивно зонско паркирање и да ги запознае граѓаните со новата услуга.