Претходна статија
Улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало со нови велосипедски и пешачки патеки
Следна статија
Продолжуваат партиските препукувања околу изградбата на скопскиот Клинички центар

И постојната влада ќе се обиде да пронајде приватен партнер за гасификација на општините

Објавено на 08.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонската влада на последната седница ја донесе одлуката за започнување на постапка за доделување на јавно – приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас во земјава. Предложениот модел за развој на системите за дистрибуција на природен гас ќе го спроведува посебна комисија, што треба допрва да се формира. Од владината прес – служба посочуваат дека ќе ја продолжат започнатата активност преку Европската банка за обнова и развој за изградба на гасоводната мрежа.

 

Последната владина одлука подразбира дека во претстојниот период ќе следува меѓународен тендер за избор на приватен партнер што би инвестирал во изведбата на дистрибутивната гасоводна мрежа низ македонските општини. Актуелната влада во јули 2017 година веќе поништи еден ваков тендер, појаснувајќи дека на него пристигнала само една понуда која што била недоволна за да се изврши избор во согласност со законското решение.

 

Додека беа во опозицијата, социјалдемократите остро ја критикуваа претходната влада на ВМРО – ДПМНЕ за идејата системите за дистрибуција на природен гас да се дадат на приватен партнер. Сегашната владејачка партија тогаш сметаше дека дистрибутивната мрежа треба да ја градат и да ја одржуваат локалните самоуправи. Од друга страна, претходниот тендер што го спроведуваше минатата влада предвидуваше поделба на државата на три региони – Скопски, Источна и Западна Македонија, за кои би се пронашол приватен партнер што ќе ја финансира, одржува и развива дистрибутивната гасоводна мрежа.