По барањето на граѓанската „02 иницијатива“ за поништување на огласот за давање под закуп на градежно земјиште во скопската железарница, опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ денеска најави дека го поддржуваат невладиниот сектор и тие бараат стопирање на јавниот повик на општина Гази Баба за давање под долготраен закуп на парцела од 66.996 метри квадратни што би можела да се искористи за изградба на тешка и загадувачка индустрија. Од општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ повикаа на разум, бидејќи последиците можело да бидат големи.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски досега не се изјаснил официјално за ваквото барање на граѓанскиот сектор и на опозициската партија. Претставниците од „02 иницијатива“ и општинскиот градоначалник вчера влегоа во жестока расправа на темата за давање под закуп на земјиштето од скопската железарница, по што градоначалникот Георгиевски мораше да се извинува искажаните недолични зборови кон претставничката на граѓанската „О2 иницијатива“.
Засега е неизвесно дали ВМРО – ДПМНЕ ќе ја постави актуелната тема како точка на расправа пред општинскиот совет, бидејќи нивните претставници го имаат мнозинството во Советот на општина Гази Баба. Колку за потсетување, последниот ДУП за скопската железарница е усвоен од општина Гази Баба на 14 март 2017 година, во периодот кога токму оваа партија раководеше со општината.