Откако ги реши сите проблеми со железничката инфраструктура во земјава, Јавното претпријатие „Македонски железници – Инфраструктура“ се одлучи да гради објект во барокен, класицистички или неокласицистички стил во кој ќе ја смести сопствената администрација. На местото на дотраените бараки на претпријатието на улицата „Јордан Мијалков“ во центарот на Скопје ќе никне нов објект. „МЖ – Инфраструктура“ денеска објави оглас за пронаоѓање приватен партнер на кој ќе му го препушти правото за изградба, но и сопственост врз дел од објектот на атрактивната локација. Освен канцелариски простор, идниот инвеститор ќе може до 40% од вкупната површина на градбата да ја намени за хотел, трговски центар или угостителство.
Понудената градежна парцела е со големина од 3.179 метри квадратни, на која е предвидено да се подигне објект со максимална висина од 25 метри, составен од приземје и шест ката. Вкупната изградена површина на објектот ќе изнесува 9.003 метри квадратни, од кои „МЖ – Инфраструктура“ ќе добие минимум 30% или 2.701 метри квадратни, додека останатиот простор ќе му припадне на инвеститорот. Зделката ќе ја добие оној што на железницата ќе и понуди најголем процент од површината на зградата.
Покрај тоа што архитектонскиот стил ќе мора да се прилагоди на проектот „Скопје 2014“, инвеститорот ќе треба да достави банкарска гаранција за сериозност на понудата во висина од 50.000 евра, но и да обезбеди адекватен деловен простор од 500 метри квадратни за привремено сместување на седиштето Јавното претпријатие. Објектот ќе треба да се изгради во рок од 24 месеци од денот на обезбедување на градежна дозвола од општина Центар. Крајниот рок за доставување на понудите од заинтересираните компании е 2 април, за кога е закажано и нивното јавно отворање.