Претходна статија
Во Крива Паланка ќе се реконструира градскиот плоштад
Следна статија
Иницијатива „И Саем е Скопје“ против рушењето на Скопскиот саем

И годинава субвенции за сончеви колектори и прозорци во домаќинствата

Објавено на 31.03.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Министерството за економија објави два огласи за поврат на дел од инвестираните средства за вградување на сончеви колектори и ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата. За субвенционирање на купувачите на сончеви термални колекторски системи се предвидени 6.000.000 денари од државниот буџет. Граѓаните треба да купат и да инсталираат ваков уред во домаќинството заклучно со 31 август 2018 година, по што ќе треба да испратат барање за повраток на дел од вложените средства. Ќе се надоместуваат до 30% од инвестираните средства, но не повеќе од 300 евра по домаќинство.

 

 

 

 

Главен услов за учество на јавниот оглас е граѓанинот да го нема искористено правото на поврат на дел од средства во текот на изминатите десет години. Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен“, и тоа до исцрпување на предвидените буџетски средства. Покрај пополнетото барање, граѓаните треба да достават фискална сметка или фактура за извршеното плаќање на колекторот, резервоарот за вода и придружната инсталација. Заедно со доказот за купениот сончев колектор, апликантите треба да достават фотокопија од лична карта и податоци за трансакциска сметка. Листата на субвенционирани домаќинства ќе биде објавена најдоцна до 31 октомври 2018 година.

 

Вчера беше објавен и јавниот оглас за субвенционирање на вградени ПВЦ и алуминиумски прозорци во домовите. Граѓаните заклучно со 31 август 2018 година можат да побараат поврат на 50% од вложените средства за нови прозорци, но не повеќе од 500 евра. Услов за да се добие субвенција е апликантите да не го искористиле ова право во текот на минатата година. Целосната документација што е потребно да се достави се состои од: пополнето барање, фискална сметка или фактура за извршеното плаќање, фотокопија од лична карта, податоци за трансакциска сметка, но и фотографии во боја од секој дрвен прозорец што се заменува во домот и од новите ПВЦ и алуминиумски прозорци што се вградуваат.

 

Доделувањето на надоместокот за вградени нови прозорци ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен“ до целосното исцрпување на предвидените средства. Од државниот буџет за оваа година се издвоени 30 милиони денари за субвенционирање на енергетски ефикасните прозорци во домаќинствата. Целосната документација треба да се достави до Министерството за економија, а листата со граѓани што ја искористиле оваа можност ќе се објави најдоцна до 31 октомври 2018 година.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk