Претходна статија
Јавниот автобуски превоз во Прилеп ќе профункционира најдоцна до крајот на март
Следна статија
GEZE на BAU 2013 во Минхен од 14-ти до 19-ти јануари

И годинава ќе се стимулира поставувањето на сончеви колектори

Објавено на 31.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за економија деновиве распиша јавен конкурс за субвенционирање на набавка на сончеви колектори за 2013 година. Од државниот буџет за оваа намена се издвоени 100.000 евра, финансиски средства што ќе можат да ги искористат сите граѓани кои од 25 јануари до 31 мај ќе купат и ќе инсталираат сончев колектор во објектите во нивна сопственост. Начинот на субвенционирање останува идентичен како и претходните години, министерството овозможува поврат на 30% од трошоците за набавка или максимум 300 евра по поединечно барање. Пријавувањето на конкурсот ќе трае до 31 мај, а јавното извлекување на добитниците на субвенција ќе се одржи на 8 јуни 2013 година. Граѓаните кои веќе го искористиле правото на субвенции во текот на претходните години не можат повторно да се пријават на огласот. Покрај образецот за барање, заинтересираните странки треба да достават фискална сметка и фактура со извод од деловна банка како докази за извршено купување на колекторскиот систем.

 

Министерството за економија го започна овој проект во 2007 година. Досега 1.901 домаќинство ја искористило можноста да си поврати дел од инвестираните финансиски средства во сончеви колектори. Вложувањето во ваков зафат овозможува просечна годишна заштеда во износ од 8.400 денари по домаќинство. Инсталирањето на сончеви колектори ја намалува потрошувачката на електрична енергија за околу 2.400 киловат часови по објект во период од 12 месеци.