Претходна статија
Новиот кеј на Вардар во центарот на Скопје ќе чини над 5,5 милиони евра
Следна статија
Ветувањето за олимписки базен во Битола ќе стане реалност

И Гевгелија на мапата на македонските технолошко – индустриски развојни зони

Објавено на 23.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во близина на селото Прдејци, денеска стартуваше изградбата на седмата по ред технолошко – индустриска развојна зона во Македонија. Во присуство на премиерот Никола Груевски беше поставен камен – темелникот на зоната со површина од 50 хектари, наменета за привлекување на поголеми странски инвестиции. ТИРЗ „Гевгелија“ ќе биде лоцирана на десната страна од патот Е-75, а во нејзина близина поминува и пругата од железничкиот коридор 10. Како исклучителна поволност за лоцирање на бизнисот во оваа зона од страна на заинтересираните компании е и близината на пристаништето во Солун. Индустриската зона е поделена на 11 урбанистички блокови за производство, дистрибуција и сервисирање за јавни административни и комерцијални услужни дејности.

 

Според плановите на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, во претстојниот период ќе се изгради неопходната инфраструктура за да се подготви теренот за привлекување на капиталот од странските компании. Ќе се изведе патна мрежа, водоводна, канализациона и телекомуникациска инфраструктура и ќе се подигне административен објект во кој ќе биде сместен и идниот царински терминал. Изведувач на градежните работи е компанијата „Бауер БГ“ од Скопје. Во моментов се градат индустриските зони во Кичево и Прилеп, а во наредниот период е планирано да започне реализацијата на зоните во Тетово, Струга, Радовиш, Струмица и Ранковце.