Како што беше најавено, денеска на Плоштадот Македонија беше поставен споменикот на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто. Мермерната статуа висока 5 метри е поставена на постамент со висина од 2,5 метри и се наоѓа на аголот кај кафулето „Тренд“. Автор на идејното решение е Димитар Филиповски (автор и на скулптурите „Шмизла“, „Еј“ и „Заљубени“), додека изработката беше доверена на „Галериа Базанти“ (Galleria Bazzanti) од Италија. Целиот процес траеше две години, а постаментот почна да се гради пред два месеци. Споменикот чини 1,1 милион евра.
Според зборовите на авторот, статуата е изработена од „Карара“ мермер од Пиетрасанта и тежи 25 тони. Ченто е претставен како му се обраќа на народот, облечен во граѓанска облека – со мантил и шешир. Шеширит го има ставено на срцето, а со прстот од десната рака покажува кон народот, што според авторот симболизира каде треба да се оди и што треба да се прави. Денес на постаментот треба да бидат монтирани и трите бронзени рељефи со мотиви од животот на Ченто.