Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Се наѕира новиот изглед на Министерството за транспорт
Следна статија
Големо гушкање на ГТЦ во четврток, поддршка за референдумот и од сопствениците на дуќани во трговскиот

И без Субрата, Владата решена да никнат хотели кај Љубаништа

Објавено на 20.04.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владата донесе одлука за основање Туристичка развојна зона „Љубаништа 1“ на брегот на Охридското Езеро, во близина на манастирот „Св. Наум“. Зоната ќе се простира на 18 хектари и според најавите ќе содржи хотели, луксузни вили, голф терен и марина. На одлуката најпрво и претходеше пренамена на тамошното земјоделско земјиште во градежно, а потоа и одлука на Управниот суд за одземање на земјиште со површина од пет хектари, кое беше во сопственост на Македонската православна црква.

 

#Во меѓувреме, консултантската куќа „Horwath i Horwath Consulting“ од Хрватска работи на физибилити – студија и мастер план за развој на овој простор во подножјето на Галичица, а набрзина беше изработена и Студија за влијанието на туристичката зона врз животната средина. Стручната и пошироката јавност е загрижена за еколошкиот импакт од проектот, бидејќи во близина на планираниот туристички комплекс се наоѓаат строго заштитени зони на Националниот парк „Галичица“, а Охридското езеро и неговата околина е дел од листата на светско природно наследство на УНЕСКО и како такво е под заштита на оваа агенција на Обединетите Нации.

 

После владината одлука за основање Туристичка развојна зона „Љубаништа 1“, наскоро може да се очекува и распишување на јавен повик преку кој ќе се бараат заинтересирани инвеститори. Идниот инвеститор ќе добие низа бенефиции од државата: во периодот од издавање на дозволата за градење до издавање на одобрението за употреба, ќе биде осободен од плаќање на ДДВ за градежни материјали, ќе биде ослободен од царина за увоз на градежни материјали, а од моментот кога ќе почне да функционира зоната ќе биде ослободен и од плаќање на персонален данок на доход по основа на плати на вработените лица за период од 10 години.