Претходна статија
Во Куманово продолжува проектот за регулација на коритото на Липковска река
Следна статија
За две години издадени концесии за изградба на 49 нови мали хидроелектрани

Хаос со управувањето и развојот на спортско – рекреативните центри „Сарај“ и „Езеро Треска“

Објавено на 01.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Новата градска администрација денеска од Државниот завод за ревизија го доби првиот предизвик во однос на напластените проблеми со спортско – рекреативните центри „Сарај“ и „Езеро Треска“. Во изготвениот ревизорски извештај за Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ за 2016 година се посочува дека не е регулиран статусот на спортско – рекреативниот комплекс „Сарај“, со што се оневозможува неговото ставање во функција на граѓаните. Ј.П. „Паркови и зеленило“ не поседува документација за да може да се бара утврдување на правниот статус на објектите од СРЦ „Сарај. На тој начин, објектите од овој комплекс не можат да се евидентираат како објекти.

 

 

Ревизорите препорачуваат натамошната судбина на СРЦ „Сарај“ да се реши во соработка помеѓу градската власт и Ј.П. „Паркови и зеленило“. Во извештајот се препорачува да се утврди кои од објектите во рамки на овој комплекс ги исполнуваат условите за натамошно користење, по што во соработка со Град Скопје, Општина Сарај и Катастарот да се преземат мерки за регулирање на статусот на овие објекти. Во ревизорскиот извештај се нагласува дека недостигот на документи допринел за неподнесување на барање за легализација на објектите во состав на СРЦ „Сарај“.

 

Од Државниот завод за ревизија бараат во најскоро време да се најде решение и за статусот на спортско – рекреативниот центар „Езеро Треска“. Претходниот владин состав во 2013 година го дал правото на сопственост на објектите на скопската општина Сарај, но не и на земјиштето со површина од околу 35 хектари. Самото земјиште останало во сопственост на државата, а во изминативе четири години не е извршено примопредавање на објектите од спортско – рекреативниот центар „Езеро Треска“. Како што се наведува во ревизорскиот извештај, Ј.П. „Паркови и зеленило“ кон крајот на 2016 година го завршило преносот на сопственоста на објектите од овој комплекс на Општина Сарај. Сепак, до изработката на ревизорскиот извештај не била формирана комисија која би ги примопредала објектите на Општина Сарај.

 

„Ревизијата изрази неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2016 година, како и за активностите, финансиските трансакции и информации рефлектирани во финансиските извештаи во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“ се нагласува во извештајот за Ј.П. „Паркови и зеленило“.

 

Двата спортско – рекреативни центри на територијата на Општина Сарај веќе подолго време не можат да ги користат граѓаните на главниот град. Објектите во СРЦ „Сарај“ се девастирани, а за нивна санација се потребни поголеми финансиски средства. Спортско – рекреативниот центар „Езеро Треска“ поседува понови објекти што со малку средства би можеле да се обноват, но главниот проблем за овој комплекс е недостигот на средства за поставување опрема за подобрување на квалитетот на водата за капење.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk