Архитектонскиот факултет во Скопје на 26 октомври беше домаќин на предавањето на Гунар Хартман, професор од Институтот за архитектура во Десау при Универзитетот за применети науки Анхалт и Харун Бадакши, директор на Клиниката за онкологија на медицинскиот центар Ернст и Бергман при Универзитетот Хумболт од Берлин. Во своето предавање насловено како „Урбанизацијата, здравјето и животната средина“ тие ги претставија резултатите од своето интердисциплинарно научно истражување, насочено кон проучување на врската меѓу динамизмите на урбанизацијата и нивното влијание врз здравјето на луѓето и животната средина, на примерот на Германија.
*Извор на фотографија: Архитектонски факултет
„Поткрепувајќи ги своите хипотези со мноштво на емпириски податоци, Хартман и Бадакши, секој низ сопствениот стручен дискурс, прецизно ги дефинираа и позитивните и негативните влијанија на урбанизацијата по здравјето на луѓето, како и последиците по животната средина. Во продолжение, аргументирајќи ја неопходноста од разбирање на комплексната испреплетеност на здравјето (здравствената заштита) и урбанизацијата, тие ја скицираа новата – променета – улога на урбаните планери, да претставуваат креативни медијатори на трансферот и интеграцијата на мноштвото специфични знаења од различни домени“ се наведува во информацијата од Архитектонскиот факултет во однос на одржаното предавање.
Предавањето на овие професори се одржа во рамки на програмата „360“, како прво од серијата предавања на странски професори и експерти, планирани да се одржат во зимскиот семестар од учебната 2017/18 година.