Претходна статија
СДСМ: Наместо казни, субвенции за спроведување на енергетска ефикасност
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Палатата „Панко Брашнаров“ изградена во експресен рок

ГТЦ е составен дел од европското културно наследство

Објавено на 30.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

„Каква власт, таква архитектура“, со овие зборови на македонскиот бард на архитектурата Борис Чипан беше отворен денешниот настан во Младинскиот културен центар со наслов „Читаме згради: ГТЦ како книга“. Архитекти, урбанисти, историчари на уметност, антрополози и археолози на едно место се обидоа со исчитувањето на Градскиот трговски центар (ГТЦ) да го покажат неговото несомнено културолошко, општествено и уметничко значење за македонската историја. Секој од повиканите 10 истакнати македонски мислители ги образложи своите 11 тези, со кои се посочува значајноста на овој градителски симбол од централното градско подрачје на Скопје.

 

 

 

Деканот на Архитектонскиот факултет и универзитетски професор Минас Бакалчев беше првиот кој ги искажа своите тези за значењето на ГТЦ, од аспект на неговата урбанистичка поставеност. Тој посочи дека ова здание во центарот на Скопје претставува своевидна провокација за да ја искористиме нашата граѓанска свест. Самиот објект трае не подолго отколку што на сите нас навистина ни е потребен. Професорот Бакалчев посочи на автори кои укажуваат дека секоја архитектура си има сопствено време на траење низ историјата.

 

Професорката Донка Барџиева – Трајковска во своето излагање посочи дека ова здание од центарот на Скопје не е впишано во регистарот на културно наследство на Македонија, иако поседува несомнени уметнички вредности. Таа посочи дека кај актуелната власт постои обид да се фалсификува историјата. „Главната цел е ослободување од одредено наследство од минатиот режим“, напомена Барџиева – Трајковска. Универзитетската професорка нагласи дека преку инсталирање на нови објекти на Плаошник, Скопското кале и во самиот центар на Скопје се менуваат од корен важни историски простори за нашата земја.

 

Универзитетската професорка Доминика Бошкова при излагањето на своите тези се согласи дека ГТЦ треба да се третира како културно и градбено наследство од страна на македонската легислатива. Архитектката постави цела низа на прашања кои произлегуваат од постоечкиот третман на ова здание. „Може ли Њујорк да се замисли без зградата на Обединетите нации?“, нагласи професорката Бошкова. Таа надополни дека ГТЦ претставува отворен архитектонски учебник од кој и понатаму учат самите архитекти.

 

Архитектката Ана Ивановска – Дескова истакна дека Градскиот трговски центар претставува своевидна комбинација на западните капиталистички молови и на густите традиционални трговски улици. Тој претставува простор за комуникација и средби, модерен наследник на традиционалната чаршија во главниот град. Таа посочи дека со својот смирен и елегантен архитектонски израз, овој објект претставува составен дел од европската модерна.

 

Дејан Ивановски од „Архитектри“ се запраша колку досегашните раководства на ГТЦ го сакаат објектот со кој тие управуваат. Тој се задржа на досегашните интервенции што се направени врз неговата оригинална изведба, потцртувајќи дека делумното покривање на објектот од пред неколку години претставува целосно аматерски проект за кој не е побарано мислење од архитектите. На овие ставови се надоврза и некогашната претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Даница Павловска, која нагласи дека кон ГТЦ треба да се однесуваме како кон субјект бидејќи сите ние сме вградени во нејзиното битисување.

 

Во рамките на денешното исчитување на Градскиот трговски центар се вклучија и архитектот Михајло Зиноски, универзитетскиот професор Мишко Ралев, историчарот на уметност и археолог Никола Писарев, и антропологот и универзитетски професор на ИСППИ Горан Јанев. Сите промислени ставови на интелектуалците, во својата изворна и целосна верзија, ќе бидат вклучени во книгата „111 тези за ГТЦ“, која наскоро треба да биде издадена. Како куратори на проектот „Читаме згради: ГТЦ како книга“ се јавуваат историчарката на уметност Ивана Васева и уметникот Филип Јовановски.

 

 

Текст и фото: Бојан Блажевски