Компанијата „Гранит“ од Скопје остварила намалена бруто добивка во првото полугодие од 2018 година, се наведува во неревидираните единечни и консолидирани финансиски извештаи. Намалувањето на профитот е резултат на намалениот обем на работа во периодот јануари – јуни 2018 година. И покрај ова, македонскиот градежен гигант остварил позитивен финансиски резултат од работењето, се наведува во извештаите објавени на веб – страницата на Македонска берза. Остварените консолидирани вкупни приходи во шестмесечниот период изнесувале 2.259.527 илјади денари и во споредба со истиот период лани бележат намалување за 23%.
Остварените консолидирани вкупни расходи од работењето на „Гранит“ се во износ од 2.156.386 илјади денари, што претставува намалување од 21% во однос на идентичниот период лани. Вкупните инвестиции во основни средства во првото полугодие од 2018 година изнесувале 34.322 илјади денари.