Претходна статија
Продажба на станови во Дебар Маало
Следна статија
Мајстори, отварајте го дуќанот!

„Гранит“ потпиша седум нови договори во вредност од над 4,7 милиони евра

Објавено на 28.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градежната компанија „Гранит“ денеска објави дека склучила седум договори за изведба на градежни активности во претстојниот период во вкупна вредност од 291.052.863 денари или над 4,7 милиони евра. Од Градот Скопје како најповолен понудувач е избрана да ја изведе втората фаза од реконструкцијата на булеварот Илинден во вредност од 65.018.000 денари, како и првата фаза од реконструкцијата на булеварот Јане Сандански, на потегот од крстосницата со булевар Србија до улицата Васко Карангелески во вредност од 29.224.993 денари. Со Дирекцијата за технолошко – индустриски развојни зони е потпишан договор за изведба и асфалтирање на улици и други пропратни објекти во вредност од 54.168.340 денари, додека со македонската канцеларија на белгискиот производител на автобуси „Ван Хол“ е парафиран договор од 32.322.493 денари за изведба на земјени работи во индустриската зона Бунарџик, на локацијата на која се планира да се изгради новиот производствен погон за автобуси.

 

 

 

 

Како подизведувач, заедно со компанијата „Илинден“ од Струга, ќе се рехабилитира и подобрува патната инфраструктура во општина Ѓорче Петров, по цена од 60.221.705 денари. Градежната оператива на „Гранит“ ќе го санира мостот на реката Вардар на локалниот пат Градско – с. Ногаевци, за што е потпишана спогодба со општина Градско. За асфалтирање и бетонирање на улици и паркинг за потребите на компанијата „Пекабеско“ во с. Кадино е склучен договор од 37.414.778 денари. Договорите се со рок на изведба помеѓу еден и 10 месеци. Забележително е што помеѓу новите договори нема ниту еден што се однесува на градежни активности на странските пазари.