Агенцијата за државни патишта потпиша три договори со градежната компанија „Гранит“ од Скопје за рехабилитација на патните правци Делчево – Македонска Каменица, Виница – Кочани и Рабово – Костурино. Вкупната вредност на оваа инвестиција за подобрување на постоечката патна инфраструктура во земјава изнесува 81.767.000 денари или околу 1,3 милиони евра. Најголем дел од финансиските средства – 51.129.000 денари ќе се одвојат за санација на делницата Делчево – Македонска Каменица од државниот пат А3, при што реконструктивниот зафат е планирано да се одвива во временски период од 27 месеци.
За рехабилитација на сегментот помеѓу Виница и Кочани од државниот пат А3 се насочени средства во висина од 11.152.000 денари, а градежните активности на овој проект треба да завршат во рок од 26 месеци. Според соопштението објавено на веб – страницата на Македонската берза, скопски „Гранит“ за сума од 19.486.000 денари ќе ја реконструира и делницата Рабово – Костурино од државниот пат Р1401, со рок на завршување од 26 месеци.