Директорот на Царинската управа на Република Македонија, Ванчо Каргов и извршниот директор на градежната компанија Гранит, Страшо Милковски, вчера потпишаа договор за надградба на патничкиот дел на граничниот премин Блаце кон Косово. Од царинската управа соопштија дека вкупниот износ на договорот е 1,65 милиони евра, а средствата се обезбедени од Светска банка, во рамките на вториот проект за олеснување на трговијата и транспортот во југоисточна Европа. Во овој момент граничниот премин Блаце претставува тесно грло во протокот на сообраќај и размената на стоки и услуги помеѓу Македонија и државите долж „јадранската магистрала“.
Со проектот е предвидено зголемување на бројот на сообраќајните ленти од две на четири за влез и од две на три за излез, како и изградба на современи објекти и содржини за вршење на потребните гранични и царински формалности од страна на пограничните органи. Со предвидената надградба на преминот се очекува да се зголеми неговата реална пропусна моќ за два до три пати во однос на сегашното ниво на сообраќај. Рокот за завршување на работите и пуштање во употреба е 14 месеци.