Општина Карпош на својата веб – страница конечно ги објави новите урбанистички планови за населбите Карпош 3 и Тафталиџе 1, кои беа донесени на 5 јануари годинава. И покрај ваквиот потег, незадоволните граѓани од оваа скопска општина во текот на утрешниот ден со почеток од 12:30 часот ќе протестираат пред привремената општинска зграда, лоцирана во кругот на училиштето „Лазо Трповски“. Граѓаните бараат одговори од локалните власти и од градоначалникот Стевче Јакимовски на повеќе прашања, за кои тие велат дека долго време не се одговорени.
* Новиот ДУП за Тафталиџе 1
Со донесувањето на новите урбанистички планови за населбите Карпош 3, Карпош 4 и Тафталиџе 1 ќе се деградира животната средина со прекумерна изградба и хиперпродукција на станови, што на крајот би довело до пад на вредноста на нивните станови. Граѓаните ќе побараат одговори на неколку прашања од градоначалникот Јакимовски. Тие потсетуваат дека фиктивен ДУП и фиктивни паркиралишта не постојат во законот, па го прашуваат градоначалникот какви се гаранциите дека фиктивното нема да постане реално. Незадоволните граѓани прашуваат: На кој образец се доставуваат потписи за свикување на собир на граѓани и кои се законските услови за свикување на собир на граѓани?
Од иницијативата за спречување на новите урбанистички планови за трите населби посочуваат дека Општина Карпош треба да ги вклучи граѓаните во процесите на донесување одлуки. „Сè додека не се исполнат нашите барања ние ќе протестираме и ќе се бориме против профитерскиот урбанизам кој ги обезвреднува нашите имоти и го уништува препознатливиот квалитет на живеење во Карпош, за кој најмногу е заслужен хуманистичкиот урбанизам од 60-тите години на минатиот век“, посочуваат организаторите на утрешниот протест пред седиштето на Општина Карпош.