Претходна статија
Автокампот „Ливадиште“ догодина ќе ги дочека туристите реконструиран
Следна статија
Потписи за зачувување на зеленилото во Карпош 4

Граѓаните се свртија кон градскиот превоз, таксистите со помалку работа

Објавено на 21.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градскиот превоз низ македонските градови повторно станува атрактивен за граѓаните. Пуштањето во употреба на новите автобуси во скопскиот јавен превоз, како и воведувањето на градски превоз во Прилеп, Куманово, Охрид и во неколку други градови доведе до значително зголемување на бројот на патници што го користат овој вид на транспорт. Од друга страна, во изминативе три години континуирано се намалува користењето на такси превозот, што делумно е резултат на порастот на цената на услугите од такси компаниите во главниот град и во останатите градови од внатрешноста.

 

 

 

Државниот завод за статистика денес ја објави публикацијата „Транспорт и други услуги, 2014“, во која се наведени најновите придвижувања во транспортниот сектор. Градскиот и приградскиот патен превоз лани се одвивал со 1.394 автобуси, што претставува рекордна бројка во изминативе пет години. Автобускиот превоз на градските и приградските линии бележи подем паралелно со увозот на половни возила во периодот по 2010 година, со што голем број на компании ја добија можноста да го осовременат својот возен парк. Колку за споредба, градскиот транспорт во 2010 година го вршеле вкупно 650 автобуси.

 

Зголемениот број на автобуси што ги опслужуваат линиите позитивно влијаел и на вкупно превезените патници. Во 2014 година во градско-приградскиот превоз се превезени 84.476.000 патници. Континуираниот пораст се бележи секоја година, почнувајќи од 2010 година до денес. Ако во 2010 година со автобус во градовите патувале 64.120.000 патници, оваа бројка веќе во 2013 година пораснала на 69.063.000 корисници на услугите на градскиот превоз.

 

Паралелно со порастот на градскиот превоз, статистичките податоци покажуваат намалување на интересот за употреба на такси транспортот од граѓаните. Бројот на патнички автомобили со кои се одвива превозот лани изнесувал 2.372, односно за 150 возила помалку споредено со 2013 година. Забележителен пад е регистриран кај бројот на превезени патници во изминативе три години. Ако во 2012 година со такси возила биле превезени 40.413.000 патници, во текот на 2014 година оваа бројка се намалила за една третина, или поточно, нивните услуги ги користеле 27.755.000 патници. Притоа, позначајно намалување на прометот е забележано во градскиот и приградскиот превоз, кој всушност им носи и најголема добивка на таксистите.

 

Најновите статистички податоци за македонскиот транспорт покажуваат позитивни придвижувања во користењето на градскиот превоз во Македонија. Оптимизмот кон натамошно враќање на граѓаните на градскиот превоз лежи и во најавите за воведување на градски превоз во други македонски градови, како што е Штип, но и во плановите за проширување на јавниот автобуски превоз, по примерот на Прилеп.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk