Претходна статија
Огромен пад на добивката на „Гранит“ во првиот квартал
Следна статија
Реконструкцијата на Универзална сала ќе започне во 2019 година

Граѓаните можат да се запознаат со „Палатите на старо Скопје“ – едукативна тура на 20 мај

Објавено на 15.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Центарот за научно истражување и промоција на културата ХАЕМУС од Скопје на 20 мај ќе организира едукативна тура низ „Палатите на старо Скопје“. Шармот и духот на скопската архитектура меѓу двете светски војни може да се откријат од граѓаните преку тричасовната тура низ палатите лоцирани во централното градско подрачје. Историските приказни за Хотелот Бристол, Ристиќевата палата, Арапската куќа, Боемскиот кварт и седум други репрезентативни зданија ќе бидат раскажани низ призмата на Василка Димитровска, магистер по археологија и професионален туристички водич.

 

*Фотографии во сопственост на ХАЕМУС

 

„Во изминатата година ХАЕМУС изработи обемна научно-истражувачка студија посветена на животот во Скопје, кој културно, социјално и економски интензивно се развивал во периодот помеѓу двете светски војни. Дел од оваа студија е посветен и на т.н. палати на старо Скопје, кои го преживеале земјотресот од 1963 а денес некои од нив се заштитени со закон и прогласени за културно наследство на Република Македонија. Со оваа тура сакаме искуството кое го акумулиравме работејќи на овој проект да го споделиме со граѓаните и на тој начин нашите сознанија за старо Скопје да ги дисеминираме со заедницата“ изјави Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС.

 

Палатите на старо Скопје се наоѓаат во самиот центар на градот и во нивната архитектура може да се забележат влијанијата на многу европски стилови, како што се експресионизмот, арт нуво, академизмот, традицијата и модерниот стил, честопати надополнети со елементи на византиската традиција, класиката, ренесансата и барокот. Едукативната тура низ „Палатите на старо Скопје“ претставува и своевидно одбележување на Меѓународниот ден на музеите 2018. Ваучерите за учество на едукативната тура може да се набават на Grouper.mk, по цена од 450 денари.