Бесплатна проектна документација за изградба на објекти за индивидуално домување – типски куќи, наскоро ќе им биде достапна на граѓаните преку Министерството за транспорт и врски. За оваа цел се изработени проекти во шест верзии. Според податоците на Бирото за јавни набавки, на секој заинтересиран ќе му бидат понудени проекти за куќи од 60, 80, 100, 120, 150 и 180 метри квадратни, со приземје, или приземје и кат.
„Реализацијата на овој проект кој го имаме ветено, започнува во наредните 5-10 дена и на секој граѓанин кој што не сака да плаќа проект за градба на куќа, а сака да земе таков проект кој што е типски направен, ќе му заштедиме помеѓу 1.000 и 2.000 евра“, изјави денеска премиерот Никола Груевски. Основниот проект за типските куќи во изминативе четири месеци го работеше архитектонското биро „ЛЕЛЕЛЕЛЕ“ од Скопје, за што од државниот буџет беа исплатени средства во висина од 500.000 денари. Проектната документација е изработена врз основа на идејното решение за типски објекти со намена за индивидуално домување на авторите Искра Лековска, Владимир Лековски и Јордан Тасевски, кои победија на архитектонскиот Конкурс во ноември минатата година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk