Градот Скопје го распиша огласот за избор на проектант што ќе го подготви основниот проект за ентериерно уредување на Градската куќа, лоцирана под Скопското Кале. Ова здание од проектот „Скопје 2014“ во изминативе години беше целосно завршено однадвор, но внатрешното уредување на канцеларискиот простор треба допрва да се заврши. За изградбата на овој објект досега беа потрошени над 17 милиони евра од градскиот буџет. Основниот проект за внатрешното уредување е проценето дека ќе чини околу 1,4 милиони денари.
Во идната Градска куќа треба да бидат сместени сите неопходни служби на Град Скопје, кои во моментов ги извршуваат своите активности во бараките лоцирани во Градскиот парк. Во приземјето на „неокласичното“ здание ќе има шалтер сала, додека деловните простории на сите сектори на градот се распоредени на останатите катови во океански канцеларии, се наведува во информациите вклучени во тендерот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки. Канцеларискиот простор треба да обезбеди можност за работа на 400-410 лица од службите на Град Скопје.
Скопскиот градоначалник и претседателот на советот ќе бидат сместени на најгорниот кат од неокласичното здание. На овој кат ќе биде лоцирана сала за седници на Советот на град Скопје со капацитет за 130-150 лица и сала за состаноци за 30 лица. Колкави средства ќе се одвојат за нивното вдомување е предвидено да се соопшти по изготвувањето на основниот проект и пред распишувањето на тендер за избор на изведувач што ќе го работи ентериерното уредување.
Заинтересираните проектанти имаат рок до 1 ноември за да аплицираат на тендерот за изработка на основниот проект за ентериерот на Градската куќа. Новата градска администрација веќе соопшти дека планира да ја заврши во целост изградбата на овој административен објект, по што би следело селење од постојните бараки на Град Скопје, коишто се издигнати како времена градба по скопскиот земјотрес.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk