За два месеци треба да заврши изработката на проектната документација за регионалниот спортско – рекреативен центар „Брегалница“, кој е предвидено да се гради кај Градскиот базен во Штип. Центарот за развој на Источниот плански регион потпиша договор во вредност од 1.296.289 денари (околу 21.000 евра) за изготвување на основниот проект со штипското проектантско биро „Студио Атриум“. Комплексот ќе се простира на површина од пет хектари и во негови рамки ќе се гради тениско, кошаркарско и фудбалско игралиште, трим – патека и базен. Покрај спортските содржини, со проектот е предвидено на локацијата да се изгради и спа – центар, по пат на јавно – приватно партнерство. За оваа цел, општина Штип планира топлата вода од бањата Кежовица да ја доведе до идниот спортско – рекреативен центар.
Изготвената проектна документација ќе се достави до локалните власти од градот, после што ќе се трага по приватен партнер заинтересиран за инвестирање. Огласот за изнаоѓање на проектантско биро за изработка на неопходната документација беше распишан во февруари годинава.