Проектот „Скопје 2014“ се заканува да го смени изгледот на целото централно градско подрачје. По изборот на архитектонски трудови за 20-тина фасади на постојни објекти во центарот на Скопје и распишаниот оглас кој се однесува на уште 20-тина згради, Градот Скопје денеска објави уште два Конкурси за избор на идејни решенија за 19 објекти. Следни во планот на градската власт се: поранешните два објекти на Комерцијална банка, хотелот „Стоун бриџ“, музичко – балетското училиште „Илија Николовски – Луј“, седиштето на Стопанска банка до ГТЦ, седиштата на компаниите Технометал, Фершпед и Интекс, трговските центри „Палома Бјанка“ и „Плаза“, Министерството за труд и социјална политика и редица други објекти што гравитираат околу плоштадите „ВМРО“ и „Мајка Тереза“.
* Некогашното идејно решение за просторот околу МОБ ќе биде целосно збришано
Конечниот број на објекти од центарот на Скопје што ќе добијат нов надворешен изглед засега е непознат, исто како и финансиската конструкција за овој огромен градежен зафат. Она што е јасно е дека ќе се промени надворешниот изглед на овие зданија бидејќи сличните проекти за реконструкција на фасадите што во моментов ги спроведуваат општините Центар и Карпош вклучуваат единствено избор на градежна компанија за реализација на зафатот. Токму при реализацијата на новите фасади кај овие згради се зачувува нивниот оригинален изглед. Од Градот Скопје во денешната изјава за телевизија „Алфа“ објаснуваат дека иницијативата била преземена заради фактичката состојба на објектите на Плоштадот „ВМРО“ и „Мајка Тереза“. „Објектите се со оштетени фасади, а кај некои од нив е потребна и санација на конструктивниот систем“, велат за „Алфа“ од градската управа.
Постапката за реализација на овие градежни зафати следува само неколку дена по усвојувањето на Програмата за реконструкција и доградба на објекти во центарот на Скопје од страна на градските советници. Архитектите треба да ги достават своите трудови до Градот Скопје најдоцна до 16 мај. Нивните идејни решенија ќе се вреднуваат врз основа на следниве критериуми: изводливост и одржливост, инвентивност во пристапот на обликување, економичност на решението, целосно почитување на програмските барања и задоволување на сите прописи и нормативни акти за проектирање и реконструкција на фасадите.
Секој победнички труд ќе добие прва награда во висина од 40.000 денари. Во планот за промена на надворешниот изглед на препознатливите зданија засега е изземен објектот на Македонската опера и балет, дело на словенечките архитекти Штефан Кацин, Јуриј Принцес, Богдан Сплиндер и Маријан Уршиќ.