Засега нема заинтересирани инвеститори за изградба на нов објект на локацијата на сегашните бараки во кои е сместена администрацијата на Градот Скопје, иако градските власти уште пред еден месец ги повикаа заинтересираните субјекти да дадат свое мислење, односно предлог што би сакале да изградат на тоа место. Во јавниот повик не е наведен краен рок за доставување мислење, а локалните власти за денешното издание на „Утрински весник“ тврдат дека ќе почекаат уште извесен период за пројавување интерес од страна на потенцијалните инвестироти.
Според плановите на Град Скопје, сегашните бараки во Градскиот парк ќе се рушат, а административците ќе се преселат во новата зграда што се гради покрај реката Вардар, спроти седиштето на македонската влада. Во согласност со постоечкиот Детален урбанистички план, површината на градежната парцела која им се нуди на инвеститорите изнесува 6.375 метри квадратни и е наменета за катна гаража со компатибилна намена за хотелско сместување. Дозволената максимална висина на објектот изнесува седум метри и тој би се простирал во должина од над 200 метри покрај булеварот „Илинден“.