По предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Советот на град Скопје беа донесени неколку одлуки за санирање на инфраструктурата во поплавените подрачја на главниот град. „Првата одлука со која ќе ги продолжиме активностите за санација на штетите е воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Гази Баба заради изградба, реконструкција и санација на улици во населени места во Општина Гази Баба. Со оваа одлука Градот Скопје ќе издвои 150 милиони денари, или околу 2,5 милиони евра, за реконструкција и санација на улиците кои беа оштетени од поплавите во неколку населени места во Гази Баба“ информираше Слободанка Трајковска, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија сметаат дека санирањето на инфраструктурата ќе придонесе за нормализација на целокупниот живот на населението и стопанските субјекти кои беа зафатени од катастрофалната поплава на 6 август. Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно побараа оставка од скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Тие го обвинуваат првиот човек на Град Скопје дека не презел мерки за заштита пред поплавата и не бил способен за справување со последиците од поплавата. Според СДСМ, главниот град во Планот за заштита и спасување уште од 2010 година е означен како простор со висок степен на загрозеност од елементарни непогоди.
Од СДСМ предлагаат буџетот на Град Скопје да се ослободи од финансирање на објектите вклучени во проектот „Скопје 2014“, а парите да се пренаменат за санација на поплавените подрачја. „На семејствата им требаат пари итно. Им треба чиста вода, храна, облека, училишен прибор за децата, основни работи. Бараме парите од Тркалото на лудоста веднаш да се пренаменат за итна помош на настраданите, во вредност од 90 илјади денари по домаќинство“ истакна Дамјан Манчевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалиционите партнери.