Заедно со планираната реконструкција на десната страна од Кејот „13 Ноември“, Градот Скопје сака да ја протне и изградбата на пристапната улица до седиштето на „Македонски телеком“. Денеска беше распишан тендер за партерно уредување на шеталиштето покрај Вардар, на потегот од Камениот мост до хотелот „Холидеј Ин“. За оваа намена се предвидени околу 58 милиони денари. Со проектот треба да се реконструираат три-четвртини од скопскиот Кеј, но и да се изведе спорната надземна улица против која реагираа граѓаните и општина Центар. Градот Скопје ги очекува понудите од градежните компании до 23 март.
Градските власти веќе подолг период најавуваат дека реконструкцијата на Кејот е неопходна, поаѓајќи од фактот дека клупите и урбаната опрема се уништени, додека поплочените површини се претворени во дупки од движењето на автомобили. Сепак, од општина Центар уште во текот на 2015 година најавија дека ќе ја блокираат изградбата на надземната улица, посочувајќи дека со неа ќе им се одземе просторот за движење на пешаците. Останува нејасно дали реконструкцијата на десната страна од Кејот „13 Ноември“ ќе значи и вклучување на пешачката зона во рамки на проектот „Скопје 2014“.