Откако Министерството за здравство неколку години по ред не успеа да го реализира проектот за изградба на катна гаража во кругот на Клиничкиот центар, Градот Скопје ја презеде обврската за издигнување на две монтажни гаражи на оваа фреквентна локација. Ј.П. „Градски паркинг“ ќе биде задолжено годинава да ја реализира инвестицијата во вредност од 50 милиони денари, со која ќе се обезбедат дополнителни 350 паркинг места во самиот Клинички центар.
*Со монтажни гаражи ќе се решава проблемот со паркирањето во скопскиот Клинички центар
Како што информираат од Градот Скопје, едната катна гаража е предвидено да се гради во непосредна близина на Клиниката за гинекологија, а другата во непосредна близина на Клиниката за инфективни болести. Со реализацијата на оваа инвестиција ќе се зголеми проточноста на возила во Клиничкиот центар, при што ќе се намали и постојниот сообраќаен метеж што го отежнуваше функционирањето на најзначајниот здравствен комплекс во земјава.
Изградбата на двете монтажни гаражи во Клиничкиот центар во Скопје е вклучена во инвестиционата програма на јавното претпријатие „Градски паркинг“ за 2019 година. Со планираните вложувања во нови локации е предвидено да се отворат 1.500 нови паркинг места.