Тендерот за избор на градежна компанија што ќе го гради тунелот на потегот помеѓу булеварите „ВМРО“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ денеска е објавен во печатените медиуми. Градската власт ја започнува реализацијата на еден од капиталните проекти во главниот град, со кој се надева дека ќе се надмине сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Подземната сообраќајница треба да има по една коловозна лента во секој правец и ќе биде со вкупна должина од 1.300 метри, од кои 900 метри ќе бидат под земја, а 400 метри над земја. Проектната документација предвидува трасата да започне со кружен тек кај мостот „Гоце Делчев“ и под плоштадот „Македонија“ и „Кеј 13 – ти ноември“ да излезе на идниот кружен тек кај булеварот Кузман Јосифовски – Питу, во близина на седиштето на Народната банка на Македонија.
Компаниите од градежниот сектор треба да ги достават понудите за изведба на сообраќајницата најдоцна до 10 јуни, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Градската власт определи три критериуми за доделување на договорот, при што најповолната финансиска понуда ќе биде вреднувана со 70 бодови, додека за кадровската екипираност и за техничката опременост над минималната се предвидени по 15 бодови. На тендерот можат да учествуваат фирми кои во последните три години имаат остварено минимален приход од 90 милиони евра. Ако целокупната постапка се спроведе во планираните временски рамки, тогаш кон крајот на 2013 година треба да стартуваат активностите за изведба на подземната сообраќајница. Рокот за реализација е три години, а предвидената вредност на истиот изнесува околу 32 милиони евра. Основниот проект за овој инфраструктурен објект го изработи шпанската проектантска фирма „ИДОМ“, за чии услуги беа одвоени 38,2 милиони денари.