Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска изврши увид во градежните работи за реконструкција на паркот Жена-борец во строгиот центар на Скопје. Екипи на Ј.П. „Паркови и зеленило“ работат на хортикултурно уредување на зелените јавни површини што се простираат на околу 7.000 метри квадратни. Постоечкиот тревник во паркот ќе се замени со нов. „За првпат во зеленилото ќе се постави и систем за наводнување со 135 прскалки, 1.000 метри систем капка по капка, главна водоводна мрежа од 850 метри и 35 хидранти за полевање на зеленилото“ изјави градоначалникот Трајановски. Во наредниот период е планирано да се изградат три чешми за пиење вода. Хортикултурното уредување на паркот Жена-борец ќе чини околу 5 милиони денари.
Покрај уредувањето на зеленилото, во изминатиов период се одвиваа градежни работи за уредување на пешачките патеки во паркот. Поставена е нова урбана опрема, а веќе се инсталирани 55 светилки што ќе ги осветлуваат дрвата. Градските власти планираат да постават ново осветлување со 45 декоративни столбови во висина од 4,4 метри, на кои ќе се монтираат светилки од 70 вати. Паркот Жена-борец со зафатот ќе биде вклопен во рамките на владиниот проект „Скопје 2014“. Градежните работи за преуредување на оваа јавна површина ги изведе фирмата „Урбан Инвест“ од Кавадарци, за што од градскиот буџет беа потрошени 330.000 евра.