Во бараките на градската администрација денеска по втор план се расправаше за новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје за периодот 2012 – 2022 година. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски е задоволен од процедурата за изработка на важниот документ, иако истата се повторува по втор пат во изминативе неколку месеци. „Успеавме со многу контакти, со општините и со останатите субјекти Нацртот на ГУП да се доведе до фаза кога многу од сугестиите, барањата и предлозите на заинтересираните беа прифатени“, истакна градоначалникот Трајановски во своето обраќање. Наспроти него, стручната јавност упати низа на критики поврзани со предвидувањата за бројот на жители на градот, планираниот процент на зеленило и за дел од вцртаните траси на идните сообраќајници.
*Извор: Град Скопје
Пензионираниот професор Михаил Токарев, како претставник на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, напомена дека Нацртот на ГУП-от е нереален, бидејќи нема прецизни податоци за бројот на жителите во Скопје поради нереализираниот попис на населението. „Со планерски мерки треба да се оневозможи растење на Скопје на сметка на другите градови во земјава. Овој план се носи повеќе од практични причини да се решат некои актуелни прашања во градот, а не како за репрезентативно и културно средиште на Македонија“, изјави професорот Токарев. Како одговор на констатацијата, Аљоша Шопар од Секторот за планирање и уредување на просторот на Град Скопје истакна дека идниот документ за наредните 10 години треба да ги задоволи потребите на 650.000 жители.
Лилјана Поповска од политичката партија ДОМ постави прашање поврзано со процентот на зелени површини што фигурира во Нацртот на ГУП-от и за зацртаната траса на Јужната обиколница на Водно, која во претходната верзија минуваше над постоечките населби, во заштитената зона на парк – шумата. Претставникот на Градот Скопје објасни дека зеленилото зафаќа 12,87 отсто од вкупната територија на градот, со што е зголемен процентот на зеленило по глава на жител. Во однос на забелешката за Јужната обиколница, тој изјави дека нејзината траса е спуштена надолу и дека главната цел е да се заштити парк – шумата Водно од натамошна изградба на дивоградби.
Томе Костадиновски од Сојузот на стопански комори на Македонија констатираше дека индустриските зони Стенковец и Визбегово повторно се наоѓаат надвор од територијата на Градот Скопје. „Сметам дека ГУП-от е стар по идеја и по донесување бидејќи не донесе нови четврти и нови блокови за инвестиции, за мали и средни претпријатија, за градба на индустриска зона, за незагадувачка индустриска зона и не овозможи нови четврти за градба на станбено – деловни објекти“, истакна Костадиновски во својот говор.
Во конечната верзија на Генералниот урбанистички план постои можност да се зголеми бројот на предвидените градски четврти, за кои општините ќе треба да изработуваат Детални урбанистички планови. Со новиот документ се задржани постојните граници на Градот Скопје, во согласност со извршената територијална поделба од пред неколку години. Правните лица можат да ги достават своите забелешки за Нацртот на ГУП-от во писмена форма во период од 10 дена од одржувањето на стручната расправа. Планот што ќе го исцрта развојот на главниот град е предвидено да се донесе кон крајот на октомври.