Претходна статија
„Гранит“ со четири нови зделки за патната инфраструктура
Следна статија
Градежниците ги демантираат наводите од анализата на „Фортон“

Градоначалникот смирува, екологистите се бунат за изградбата на леарница во Пробиштип

Објавено на 30.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски денеска на прес – конференција ја објаснуваше изградбата на леарница во неговиот град. Тој посочи дека новиот објект од тешката индустрија во првата фаза од неговото функционирање ќе преработува околу 29.000 тони отпад годишно, но според високи еколошки критериуми. Градоначалникот Тоневски рече дека инвестицијата е значајна за развојот на градот, посочувајќи дека граѓаните ќе бидат прашани за мислење на јавна расправа по ова прашање. „Како градоначалник нема да дозволам никаква инвестиција, ниту какво било вработување, кое ќе биде по штета по здравјето на жителите на општина Пробиштип“, изјави Тоневски.

 

 

 

Додека првиот човек на Пробиштип ги допрецизира вчерашните симболични информации од македонската влада, домашните екологисти во изјава за телевизија „Телма“ жестоко се спротивставија на изградбата на леарница во индустриската зона во градот. Екологистот Душко Христов истакнува дека бројни граѓански организации ќе се спротивстават на реализацијата на ваков објект во непосредна близина на Пробиштип. Тие ќе побараат измени на Законот за животна средина, со што би се оневозможила изградбата на вакви објекти на минимум пет километри од градските средини.

 

Новата леарница за производство на челик и челични производи во Пробиштип е предвидено да чини 15 милиони евра и во неа да се вработат 280 лица. Објектот ќе користи отпадно железо и челик како секундарна суровина во производствениот процес. Во насока на спротивставување на неговата изградба, граѓаните веќе покренаа интернет – петиција со која го искажуваат својот став против намерата за инвестирање во ваков објект на компанијата „Кранфилд Фаундри“.

 

 

 

Бојан Блажевски