Претходна статија
Реконструирана уште една фасада на станбен објект во општина Центар
Следна статија
Продадени 15 парцели за изградба на фабрики во Струмица

Градежниците задоволни од економската состојба на нивните компании

Објавено на 15.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Големите проекти на кои во моментов работат градежните компании им носат поголеми добивки и позитивни оценки за развојот на градежниот сектор во земјава. Според податоците на Државниот завод за статистика, раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото како поповолна ја оценија економската состојба во второто тримесечје од 2014 година – и во споредба со претходното тримесечје од годинава и во однос на истиот период од 2013 година. Истата оценка ја делат и за финансиската состојба на нивните деловни субјекти.

 

 

 

Менаџерите на македонските градежни компании констатираат дека сегашната состојба со договори е поповолна во споредба со истиот период лани, додека бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата се подобрува и е над нормалата. Градежниците очекуваат во наредниот период да дојде до зголемување на цените на пазарот, истовремено позитивно оценувајќи ги очекувањата за бројот на вработени во наредниот период.

 

Кога станува збор за главните фактори што го ограничуваат подобрувањето на сегашната градежна активност, менаџерите на прво место ја ставаат недоволната побарувачка со 19,5%, а по неа следуваат зголемените трошоци за материјали со 14,1%, зголемените финансиски трошоци (камати) со 13,4% и конкуренцијата во сопствениот сектор со 11,8%.