Претходна статија
Работниците на штрајк, потврдени грешките при проектирањето на автопатот Кичево - Охрид
Следна статија
Петта сесија на меѓународната Летна школа за архитектура во Охрид

Градежниците стравуваат од отпуштање работници, владата од финалната цена на автопатите

Објавено на 23.06.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Градежниците предупредуваат дека сопирањето на изведбените работи на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип може да ги доведе под опасност работните места на 1.500 работници ангажирани од петте македонски подизведувачи на овие делници. Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија посочи на оваа опасност при денешната средба со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. „Некој треба да биде заштитен и во овој смисол. Значи не само да се запираат изградбите туку треба да мисли некој и на оние фирми кои работат и кои егзистираат и луѓето кои земаат плата од тоа“ изјави Андреја Серафимовски од Здружението за градежништво.

 

 

Министерот Горан Сугарески по средбата нагласи дека таа се одржала токму за да се слушнат проблемите и потребите на градежниците. Во однос на кинеските автопати, министерот Сугарески посочи дека е пробиен рокот за изведба на автопатот Миладиновци – Штип, со што е потребно да се склучи дополнителен анекс договор со кинеската компанија „Синохидро“. Со многу поголеми проблеми се соочува изведбата на автопатот Кичево – Охрид. Министерот и денеска напомена дека мора да се направи пресек на сето она што е наследено од претходната власт, но и она што е изведено досега од градежните работи.

 

„Во најбрз можен рок согласно анализата која се изготвува ќе излеземе и ќе соопштиме кои се натамошните цели, имајќи предвид дека таму е вклучено и Специјалното јавно обвинителство со отворање одредени предмети поврзани со изградбата на патиштата“ изјави тој. Министерот Горан Сугарески не сакаше да прецизира какви податоци побарало СЈО од неговото министерство во врска со отворената истрага за оштетување на државниот буџет за фантастични 155 милиони евра.