Раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото имаат поделени ставови во однос на деловните тенденции во градежништвото во првиот квартал од 2018 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, индикаторот на доверба во првото тримесечје од годинава е поголем за 0,1 процентен поен во однос на четвртото тримесечје од 2017 година, а е зголемен за 0,7% во однос на идентичниот период лани. Очекувањата за вкупните порачки за градежни работи се поповолни во однос на претходното тримесечје.
Сепак, оценката за економската состојба во првото тримесечје од 2018 година е понеповолна од претходното тримесечје, а е еднаква како во истиот период од минатата година. Сегашната состојба со порачки на нивните деловни субјекти е понеповолна, додека оценката за финансиската состојба е поповолна во однос на претходното тримесечје. Очекувањата за бројот на вработени се дека ќе остане непроменет во наредните три месеци. Во претстојниот период се очекува намалување на продажните цени, додека бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата се над нормалата.
Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: нема побарувачка со 21,8%, зголемени трошоци за материјали со 20,9%, конкуренција во сопствениот сектор со 17% и неповолни временски услови со 11,3%.