Претходна статија
Тетовскиот универзитет ќе добие дел од скопската касарна „Илинден“
Следна статија
Започна реконструкцијата на граничниот премин „Богородица“

Градежниците бараат од 67 до 90 милиони евра за подземната сообраќајница во Скопје

Објавено на 20.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Втор тендер, повторно високи финансиски понуди за изградба на тунелот под плоштадот „Македонија“. Во просториите на Град Скопје денеска се отворија доставените понуди од осум градежни компании и конзорциуми, јавува телевизија „Телма“. Најниска понуда има бугарско – македонскиот конзорциум „Обединувањето Македонија 2014“, кој би го реализирал проектот за сума од 66,9 милиони евра. Најмногу финансиски средства во висина од 90,1 милиони евра за изградба на подземната сообраќајница побара конзорциумот составен од македонските градежни компании „Бетон“ од Скопје, „Гранит“ и „Жикол“. Добиените понуди од вториот по ред тендер се речиси во целост идентични на оние од првиот повик, кога најповолна понуда во износ од 67.227.284 евра достави конзорциумот од скопската компанија „Бауер БГ“ и италијански „Вианини лавори“.

 

#Доставените понуди од градежните компании не се конечни бидејќи допрва треба да се спроведе електронско јавно наддавање како втора фаза од изборот на најповолен понудувач, во чии рамки субјектите ќе треба повторно да достават најниска понуда. Сепак, очекувањата на скопскиот градоначалник Коце Трајановски за намалување на висината на цената за 10 до 20% не се остварија во реалноста. Според проекциите на Град Скопје, градежниот зафат за тунел под плоштадот „Македонија“ треба да чини околу 51 милион евра, што е за цели 15 милиони евра помалку од она што го нуди бугарско – македонскиот конзорциум. Поради прескапите понуди од компаниите, градската управа во септември лани го поништи првиот тендер за остварување на овој проект.

 

Сообраќајницата на потегот од булеварите „Илинден“ и „ВМРО“ до булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе биде долга 1.300 метри, од кои 900 метри е предвидено да бидат под земја, во делот кај плоштадот „Македонија“ и долж Кејот „13 Ноември“. Со проектот е зацртано да се изгради по една коловозна лента во секој правец.

 

 

» Форумска дискусија за планираната подземна сообраќајница под плоштадот „Македонија“