На денешен ден пред 65 години започна наставата на тогашниот Технички факултет во Скопје со двата оддели, градежен и архитектонски. По долгогодишното изникнување на интелектуалци од оваа високообразовна установа, Градежниот факултет од Скопје денеска ја одбележа шест и пол децениската работа со свечено доделување на стипендии на најдобрите студенти. На настанот свечено обраќање имаше деканот на Градежниот факултет Милорад Јовановски, според кого градежништвото во моментов е многу ценета професија во македонското општество и околу 30 отсто од целокупниот општествен производ е резултат на активностите во овој сектор.
„Градежниот факултет во моментот има над 1.500 студенти во прв циклус на студирање, над 250 постдипломци и повеќе од 35 докторанти. Тоа ќе даде огромен придонес на развојот на Република Македонија и за нејзината афирмација во светот“, изјави деканот Милорад Јовановски. На свечениот настан се обрати и министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, кој ја поздрави соработката помеѓу Градежниот факултет и министерство со кое тој раководи. „Со посебно внимание беше поттикнувана научната работа и имплементацијата на апликативно – практичните проекти, кои неретко беа од национално значење, а се реализираат благодарејќи на нашите заеднички напори“, истакна Изаири.
Градежниот факултет од Скопје организира високошколска настава во три циклуси – додипломски, постдипломски и докторски студии. Првиот циклус на студии е поделен на студии по градежништво, геотехника и по геодезија.