Турската компанија „Лимак“ од среда, 22 август, ќе започне со градежни работи за изградба на подземната сообраќајница на местото на постојниот Јужен булевар. Станува збор за подземен булевар со шест коловозни ленти и со должина од 800 метри, на потегот меѓу НИП „Нова Македонија“ и булеварот Борис Трајковски. Оваа сообраќајница треба да овозможи растоварување на дел од сообраќајниот метеж во строгиот центар на Скопје, но и побрзо патување меѓу населбите Карпош, Кисела Вода и Аеродром.
Изградбата на подземната сообраќајница е еден од капиталните проекти во главниот град. „Лимак“ во март 2012 година го купи градежното земјиште за да гради надземен комплекс со површина од околу 300.000 метри квадратни. Како дел од договорот, тие се обврзаа дека ќе ја изведат сообраќајницата пред да почнат да го градат новиот комплекс во височина. Фирмата „Чакар партнерс“ го изработи основниот проект и основниот сообраќаен проект за изведба на подземната сообраќајница.
Овој капитален проект за Скопје бил предвиден за градење со урбанистичко-планската документација изготвена по земјотресот од 1963 година. И покрај бројните напори за изведба на брза патна врска меѓу источните и западните делови на Скопје, центарот на Скопје со постојниот капацитет на улицата Димитрие Чуповски (Рекорд) не може да го прими сообраќајниот проток од сите возила што се движат помеѓу општините Аеродром и Кисела Вода (исток) и Карпош и Ѓорче Петров (запад).
» Форумска дискусија за комплексот кој ќе го гради „Лимак“
» Форумска дискусија за урбаните автопати во Скопје