Над 5 милиони евра е проценето дека ќе се потрошат за набавка, инсталирање и одржување на интегриран паметен систем за управување со уличното осветлување во Скопје. Градската власт денеска го распиша тендерот за набавка на системот, со кој светилките во главниот град би се управувале од далечина. Според податоците од Бирото за јавни набавки, проценетата вредност на проектот изнесува над 305 милиони денари, без вклучен ДДВ. Градот Скопје досега не ја образложил набавката на ваков систем за главниот град.
* Ќе ја намали ли Градот Скопје потрошувачката на електрична енергија?
Од она што може да се прочита од странските производители, овие системи ја надминуваат потребата за пријавување на дефект во уличното осветлување од страна на граѓаните. Во иднина нема да има потреба ниту за периодична проверка на исправноста на светилките од страна на екипи, а се исклучува и потребата од ангажирање на работници од електродистрибуцијата и физичкиот пристап до трафостаниците. Осовременувањето на овој систем ќе овозможи благовремено одржување на мрежата, но и намалување на потрошувачката на електрична енергија во ноќните часови.
Градот Скопје ги очекува понудите од заинтересираните субјекти најдоцна до 22 август, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Изборот на фирма што ќе го воведе интегрираниот паметен систем за управување со уличното осветлување треба да се изврши врз основа на еден критериум – најниската цена доставена од компаниите.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk