Претходна статија
Во Велес се продаваат 22 парцели за изградба на фабрики, хотел, спортски центри и куќи
Следна статија
Дизајн на ентериер – работа од соништата за младите креативци

Град Скопје и Општина Сарај заеднички ќе работат на ревитализација на езерото „Треска“

Објавено на 31.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По долги години минати во негрижа и неодржување на јавното добро, езерото „Треска“ наскоро би можело да добие нов лик. Градот Скопје и Општина Сарај со заеднички напор би се вклучиле во обновата на спортско – рекреативниот центар изграден во далечната 1978 година. На утрешната седница на Советот на град Скопје е поставена на дневен ред Предлог – одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Сарај за изработка на проект за ревитализација на езерото „Треска“. Ако двете локални самоуправи ја изгласаат ваквата иницијатива, тогаш наскоро би можело да се очекува и преземање на конкретни мерки за реализација на ваквата намера.

 

 

Како можно решение за обнова на спортско – рекреативниот центар, Градот Скопје пред пет години изработи физибилити студија за утврдување на оправданоста за пронаоѓање на приватен партнер. Сепак, во изминатиов период не беше пронајден инвеститор што би вложил во санација и адаптација на целокупниот комплекс. Моделите на инвестирање со децении наназад се главната пречка за посериозно заживување на езерото „Треска“ и враќањето на неговиот некогашен сјај.

 

Претходната влада во 2013 година донесе одлука да се префрли сопственоста на објектите од спортско – рекреативниот центар на Општина Сарај. И покрај ваквата одлука, локалната самоуправа во изминатиов период не успеа да пронајде инвеститор во обнова на комплексот. Конечно, Државниот завод за ревизија требаше пред три месеци да го објави Ревизорскиот извештај за Ј.П „Паркови и зеленило“ за да се утврди целокупниот проблем со овој комплекс. Имено, извршната власт пред пет години ги префрлила постојните објекти од езерото „Треска“, но не и земјиштето од 35 хектари на општинските власти. Како резултат на ова, Општина Сарај би можела единствено да вложува средства во одржување на постојните објекти, но не и да изнаоѓа инвеститор што би го добил во владение целокупниот спортско – рекреативен комплекс.

 

И додека трае неорганизираноста на властите, спортско – рекреативниот центар „Треска“ во моментов е речиси целосно уништен. Водата од езерото е испразнета, угостителските објекти не работат, ѓубрето е распослано во и околу самиот комплекс, а се поретко на ова место ги има и сопствениците на приколки. Во езерскиот комплекс можат да се забележат ретки посетители од околните населени места, домашни животни на испаша и неизбежните глутници кучиња. Некогашното осветлување на комплексот е уништено.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk