Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска потврди дека е завршена изработката на проектната документација за автопатот од Скопје до граничниот премин „Блаце“. „Проектот за патот од Скопје до Блаце во должина од 13 километри, чија проценета вредност е 63 милиони евра, е завршен и е на ревизија. Зборувавме и со Европската банка за обнова и развој да ја финансира изградбата на автопатот“ изјави вицепремиерот Анѓушев.
Паралелно со проектирањето од македонска страна, Косово веќе подолг период ја гради автопатската делница од Приштина до граничниот премин „Блаце“, со вкупна должина од 60 километри. Вториот сегмент од автопатот „Арбен Џафери“ е веќе завршен, а плановите на косовската влада се автопатот на косовска страна да биде пуштен во употреба до крајот на 2018 година. Македонската влада веќе најави дека планира да ја почне изградбата на македонскиот дел од автопатот до крајот на оваа година.